Храбрата Линдзи Вон е чудо – со повредено колено излезе на патеката во Кортина
Само една седмица по кинењето на предниот вкрстен лигамент на левото колено, легендарната Линдзи Вон денеска заедно со останатите натпреварувачки ја обиколи олимписката спуст-патека во Кортина, неколку часа пред првиот тренинг во лов на злато на 41-годишна возраст.
Препорачано
Американската скијачка планира настап на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина со протеза на повреденото колено. Уште од падот што го доживеа минатата недела во Швајцарија, Вон јасно порача дека нема намера да се откаже, иако станува збор за повреда која за многумина би значела крај на сезоната, па дури и на кариерата.
„Ништо не ме прави посреќна од ова! Никој не би поверувал дека ќе бидам тука. Но, успеав! Тука сум, насмеана сум и, без разлика на сè, знам колку сум среќна. Нема да ја пропуштам оваа шанса. Одиме по тоа“, напиша Вон на социјалните мрежи, во моментите кога над Кортина, под патеката „Олимпија деле Тофане“, конечно се појави сонцето по неколкудневните облаци и снег.
Вон во 2024 година имаше делумна замена на десното колено со титаниумски имплант, а минатата сезона сензационално се врати на натпреварувачкото скијање по речиси шест години пензија.
Падот го доживеа минатиот петок, за време на последниот спуст од Светскиот куп пред Олимписките игри, во Кран-Монтана. Од патеката во болницата беше однесена со хеликоптер, а само неколку часа подоцна порача: „Мојот олимписки сон не е завршен“.
Откако првиот тренинг во четвртокот беше откажан поради обилните снежни врнежи, на програмата останаа уште два тренинзи, денеска и утре, пред неделната трка во спуст.


