Хоти го именува Скендер Хисени за државен координатор за дијалогот со Србија

На 23 јули, Хисени да отпатува за Брисел, на продолжување на дијалогот со Србија на експертско ниво.

Косовскиот премиер Авдулах Хоти, по денешниот состанок на Форумот на политички партии, го именува неговиот советник, поранешниот министер за внатрешни работи на Косово, Скендер Хисени, за државен координатор за дијалогот со Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во соопштението на владината служба за информирање се наведува дека, по состанокот на Форумот, на кој што доби поддршка за водењето на дијалогот со Белград, Хоти го именува Хисени врз основа на претходно усвоената платформа на неговата влада за преговорите меѓу Косово и Србија.

– Врз основа на Платформата на Владата на Република Косово за дијалогот со Србија, според одлуката (…) од 1 јули 2020 година, со цел организирање и институционално и меѓународно услогласување на овој процес, премиерот Хоти денеска го именува г. Скендер Хисени за државен координатор за дијалог, се вели во владиното соопштение.

По денешното именување, се очекува задутре, на 23 јули, Хисени да отпатува за Брисел, на продолжување на дијалогот со Србија на експертско ниво.

Според најавите од Приштина и Белград, по средбата на Хоти и претседателот на Србија Александар Вучиќ, што се одржа во Брисел минатиот четврток, на 16 јули, дијалогот на експертско ниво во европската престолнина треба да продолжи во врска со исчезнатите и раселените лица од војната во Косово во 1998-99 година.

На денешниот состанок на Форумот на политички партии учествуваа претставници на партиите од владејачката коалиција  – Демократскиот сојуз на Косово, Алијансата за иднината на Косово, Социјалдемократската иницијатива и Алијансата ново Косово, додека поканата за учество на состанокот ја одбија двете најголеми опозициски партии, Движењето самоопределување и Демократската партија на Косово. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот