Хидросистемот „Ѓавато“ се санира и наскоро ќе почне да се полни Дојранското езеро, вели Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше во увидот на активностите за санација на хидросистемот „Ѓавато“ од кој се полни Дојранското Езеро. Тој рече дека се детектирани сите места каде има пукнати цевки, кои ќе бидат санирани од општествено одговорна компанија. Санацијата се очекува да се случи наредните денови, со цел да се испорачува повеќе вода до резервоарите, од каде со други пумпи ќе биде пренасочувана кон езерото.
Препорачано
„Излеговме на самата траса од хидросистемот ‘Ѓавато’ за лично да се увериме и видиме што се случувало повеќе од две децении откако е направен овој хидросистем за да направиме дијагностика по која потоа ќе постапуваме. Детектирани се места каде има пукнати цевки кои треба да ја донесат водата до базенот од каде со други пумпи водата ќе биде однесена во Дојранското Езеро.
Во периодот што следува планираме да оспособиме најмалку четири пумпи, а потоа уште дополнителни две со што цениме дека ќе ги задоволиме потребите во најскоро време за Дојранското Езеро да го добие изгледот што го заслужува и за да го користат сите граѓани“,рече тој.
Сметката за потрошена електрична енергија на „Ѓавато“ е 2,5 милиони евра годишно, затоа најави инсталирање соларни панели со кои, како што рече, драматично ќе се намалат трошоците.
Според заменик-министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска, веќе се работи на санирање на системот за во најскоро време да се решат проблемите. За овие зафати Министерството во буџетот за 2025 година има издвоено два милиони денари.


