
Херсон
Независно дали е оправдано или не од оперативен аспект, во стратегиска смисла, ова повлекување е големо назадување на руските сили во Украина. Дополнително, првпат од почетокот на илегалната агресија руското раководство официјално призна пораз.
Деновиве додека на стратегиски план се распламтува војната во економскиот сектор, преку санкции и регулативи на релација САД-Кина, до скандали што се поврзани со банкрот и бомба во делот на криптовалутите, падна Херсон. Последното е битно бидејќи Херсон се случи во ек на големиот скандал што ја стресе крипто-заедницата со тресокот на ФТЏ, која за време на викендот беше дури и „хакната“. Тоа, пак, создава вакуум за теоретичарите на заговор, кои за жал стануваат се поактуелни, не поради друго оти приказните почнаа да им проаѓаат или пак да се појавуваат скандали за темите за кои тие заговараа – земете ги случувањата со вакцините и со скандалите околу фармаколошкиот „хоштаплерај“, на пример.
Препорачано
Иако тоа е многу силна тема за која треба да разговараме, особено поради тоа што организираниот криминал добива се поголема геостратегиска димензија, на тоа ќе се осврнеме во некое наредно писание.
Ајде да се вратиме на Херсон. Со неговиот пад најверојатно полека но сигурно се остварува она што речиси од почетокот на овој конфликт го говоревме, т.е. дека никој не победил народ. Неколку недели наназад се зборуваше за повлекувањето на руската војска од Херсон. Тоа во последната недела пред да падне Херсон доби засилена димензија во која се изострија две позиции. Едната е дека е местенка, а другата е дека Украинците газат и покрај мобилизацијата на Русија. Без да заземаме страна, како и секогаш ќе се фокусираме на стручниот дел (секако врз основа на фактите со кои располагаме и со кои може да се располага од оваа перспектива).
Да тргнеме по ред. Од воен аспект, повлекувањето беше реално за очекување. Руските сили загубија многу позиции преку кои правците за пристап до првите линии на одбрана станаа порозни. Дополнително, ако се земат анализите што ги направивме за проблемот со логистиката, заедно со сите проблеми околу раководењето и командувањето, трупните процедури, комуникациите, па и целата доктрина на теренот, тогаш е јасно дека ова можеби и ќе беше за очекување. На западниот брег на Дњепар руските сили беа топовско месо. Иако приказната за ефективноста на ХИМРАС системите како да подзапре, тие дополнително со секое поместување на напред на линијата на напад на украинските сили добиваа поголем домет до заднината на непријателот на привремено запоседнатата територија, особено на логистичките центри и командни места. За Сурковин (командантот на силите на Русија во Украина) ова е во ред и барем засега ќе може да се повика на грешките на претходниците. Тој излезе со своја изјава околу повлекувањето во кое акцентот го стави на заштита на силите, демонстрирајќи грижа за персоналот.
Ако се знае дека во централизираниот и исклучително партизиран систем на раководење во руските вооружени сили, покрај другите корумпирани практики тој зависи и од избегнувањето одговорност или можност да се биде критикуван е услов за успех, може да се разбере рускиот командант. Во секој случај од оперативен аспект потегот е оправдан и тука нема што да се говори. Секое чекање ќе го доживееше крахот на офанзивата на крајот на летото и во почетокот на есента во која наместо стратегиско повлекување имаше панично бегство. Независно дали е оправдано или не од оперативен аспект, во стратешка смисла ова повлекување е големо назадување на руските сили во Украина. Дополнително, првпат од почетокот на илегалната агресија руското раководство официјално призна пораз. На пример, кога не успеаја во Киев, руските стратези и официјални претставници се обидоа да ја продадат приказната за постапка која е гест на добра волја. Да преведеме, значи можеле ама не сакале да бидат сурови и затоа не го зазеле Киев. Потоа следуваше дебаклот од септември, каде што по поразот руските команданти тврдеа дека прават прегрупирање на силите. Тоа по сè, и во име на чиста логика на нештата, не само во општ речник е признание на тоа дека контраофанзивата, каква и да е, на Украинците (не дека е лоша, туку заради критиките) функционира и „дава млеко“ – резултат.
Она што исто така е силен индикатор се снимките за реките народ што ги пречекаа ослободителите. Зошто е битно ова? Заради референдумите. Тоа е потврда дека референдумите барем за овој дел (бидејќи за него има доказ) се инженеринг. Во меѓувреме, Русија, за да го задржи моментот, ќе мора да бара нов и брз успех за да се спаси од каскадниот психолошки притисок што мириса на пораз. Губењето на Херсон веќе евидентно го подри моралот дури и кај најголемите поддржувачи на Путин. Она на што најпрво доаѓа на идеја или каде што оперативно може да дејствува е на истокот во Украина во двата дела што се во конфликт уште од 2014 година – Доњецк и Луханск. Тоа можеби и е најдобриот изговор што Сурковин може да му го даде на Путин за да ја оправда работата, а тоа е дека ќе има сигурен успех и психолошко заздравување, по серијата порази. Тоа пак значи дека украинските сили на отпорот би требало да ги засилат борбениот ритам и темпото на офанзивата со рефокус на исток.
Со оглед на тоа дека географијата во геопросторна смисла има битно влијание поради маневарот на огнот во овој воен конфликт, за украинските сили на отпорот Херсон е повеќе од само територија и психологија или симболика. Ослободувањето на Херсон има оперативен досег и момент. Ако се земат предвид тактичко-техничките карактеристики на огнените платформи и целосни капацитети на украинските сили тогаш станува јасен муабетот за геопросторниот интерес и важноста на Херсон. Оттука, драги мои, украинските сили на отпорот ќе може да го зголемат оперативниот досег поради тоа што ХИМРАС системите ќе може да ги вознемируваат и да ги деградираат руските капацитети на поголема дистанца. Токму оваа перспектива ја засили повторно дебатата за доставување на АТЦМС системи во раце на Украинците за кои Вашингтон, барем засега, се уште е на ставот дека овие системи може да предизвикаат поголема штета и ескалација отколку да водат кон разрешница.
Независно на тоа, мора да се признае дека целиот план, гледано синхронизирано, е маестрален оперативен учебник за современи операции. Да се разбереме, споредбите на војната во Украина со некои други конфликти, посебно оние од борбата против тероризмот, се несоодветни, бидејќи освен војната во Кореја, и онаа помеѓу Иран и Ирак за кои има многу малку оперативни анализи (или барем малку квалитетни) е војна помеѓу два масивни противника, но е и единствена од перспектива на здружено војување. Имено, Украинците демонстрираа како комбинација на конвенционалните капацитети со неконвенционални состави и специјални сили може да создаде оперативен мултуплицирачки фактор. Конкретно оперативно, би можеле да издвоиме три главни линии на напори кои Украинските сили на отпорот ги имаа во изминатиот период.
Прво, конвенционален напор – операции со маневар и удар од дистанца –ХИМРАС и артилериски платформи со сили кои заземаат територија. Вториот е комбинација на содејство со специјалните сили (диверзантските единици) и третиот е хируршки – диверзантски операции на помошни правци на напад. Додека првите два беа насочени кон Херсон, третиот напор беше наменет за растегнување на силите во областа Изиум и Бакмут. Со маневарот Херсон и со септемврискиот удар, Украинците успеаја да ја растегнат, но и оперативно да ја ослабат упорната одбрана на руските сили. После лажниот напад на Херсон во септември, и ударот во регионот на Каркив, украинските сили успеаја да дојдат до позиција во која геометријата – ако така може да кажеме – почна да има улога. Од страна (преку артилериските платформи и системи кои ги имаат во својот арсенал) заедно со диверзантските дејствија на клучни цели (командни места, центри за врски, стратешки комуникации, мостови, пред сè) украинските сили ја „толчеа“ одбраната на Русите. Со ваквиот оперативен опфат украинските сили ја ставија одбраната на Херсон во досегот на својата убиствена зона и со тоа ја компензираа оперативната инфериорност.
Сепак, она што мора да се забележи е дека набргу оваа доктрина мора да претрпи измени затоа што со повлекувањето на Русите, можноста за големи ефекти се смали значително. Украина нема да може да постигнува големи ефекти бидејќи фронтот за одбрана на Русија значително е смален. Руските сили (по број, за ова зборевме) по ниту една оперативна логика не можеа да го држат под контрола овој терен. За Украина е битно да не дозволи темпото да падне и да го задржи борбениот ритам. План за ерозија на исток и задржување на достигнатите линии е императив. Тоа треба да ја превенира потенцијалната руска офанзива на пролет, ако дотогаш демонстрациите во Русија за нуклеарен удар врз Вашингтон (замислете) не дај боже се операционализираат. Надевајќи се дека до тоа нема да дојде останува да се надеваме дека лудилото на војната што побргу ќе запре.
(Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД)