Хелсиншки комитет со апел: Да престане вовлекувањето на децата во политички кампањи

Хелсиншки комитет за човекови права најостро реагира на сѐ почестите случаи на злоупотреба на деца и малолетници во политички активности во пресрет на претстојните локални избори. Оттаму велат дека иако официјалната изборна кампања завршува за неколку дена, на социјалните мрежи може да се забележат бројни фотографии и видеа каде децата се злоупотребени за политички цели од страна на кандидати и нивните поддржувачи.

„Со загриженост констатираме дека во континуитет се случуваат активности, кои не само што не се во најдобар интерес на детето, туку претставуваат злоупотреба на децата поради политичко дејствување – нешто што е забрането со Законот за заштита на децата, Конвенцијата на ООН за правата на детето и Декларацијата за заштита на детето од политичка манипулација и злоупотреба.

Ваквата пракса, за жал, е редовна појава во земјава. Во пресрет на локалните избори, во медиумите и социјалните мрежи се забележуваат повеќе вакви случаи, само неколку примери се: видео објава на неколку кандидат во која се вклучени нивни деца со повик да се гласа на претстојните избори, фотографија на кандидат за градоначалник кој на деца им дели играчки во рамки на кампањата, како и делење на промотивен материјал на деца“ се наведува во реакцијата на Хелсиншкиот комитет.

Оттаму апелираат до институциите, политичките партии, медиумите и родителите веднаш да престане вовлекувањето на децата во политички кампањи и да се преземат соодветни мерки за санкционирање на сите кои ги користат децата за политички цели.

Од Хелсиншки потенцираат дека политичката злоупотреба на деца е строго забранета со закон.

„Согласно Член 12, став 4 од Законот за заштита на децата: „Се забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување““.

Хелсиншкиот комитет потсетува дека на децата не им е место во политиката. Наместо злоупотреба, посочуваат дека политичарите и нивните поддржувачи треба да се залагаат за создавање услови за квалитетен живот, образование и развој на најмладите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот