Жарко Настоски / Фото: Драган Митрески / Слободен печат

„Хаус оф кардс“ за сиромашни

Не треба да сте Ајнштајн, за да го увидите она неговото: Ние живееме во дефиницијата на лудилото – постојано правиме исти работи, а очекуваме различни резултати

Со месеци траеше привидот на неизвесност што во јавноста го пласираа премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари, преговарајќи навидум за тоа дали АА воопшто ќе влезе во Владата, а реално – какви раководни функции ќе добие партијата за тој маневар.

Откако ќе завршеа некои од нивните сеанси за преговори, разговори и наговори, двајцата лидери дури и не даваа изјави (така нема незгодни прашања, а и добро се држи „тензијата“). Нивните службеници им делеа на новинарите набрзина срочени соопштенија полни со однапред подготвените, бајати фрази за заедничките стремежи и европската иднина.

Но, ние со години постојано од власта слушаме дека доаѓаат коренити реформи во општеството, нѐ чекаат тешки предизвици, сложени пречки на патот кон Европа, со кои мора „час поскоро“, што би рекол З. Заев, да се зафатиме. Поминаа скоро шест години како реформите „почнуваат“, а на многу места воопшто и не почнале. За тоа време се правеа неверојатни уставни и неуставни гимнастики, видовме нечуени политички пазарења, под надзор на „меѓународните пријатели“ менувавме име на државата и се расправавме со Бугари, а притоа добивавме и непријатни пријателски „шамари“ од бриселска непринципиелност. Во тоа време се случија и пандемија и економска криза што сериозно го влошија и онака не претерано сјајниот живот во Македонија. Сега е уште потешко да се слушаат проевропските „славопојки“, секој ден станува сѐ поневкусно на некого што не е сигурен како ќе го преживее месецот, упорно да му „продавате“ замислен поубав живот во ЕУ за десет или 15 години.

Да не одиме многу наназад: ако ни се брзаше да го фаќаме возот за ЕУ кој, знаеме, не се фаќа без да спроведеш реформи, зошто потрошивме толкава енергија и цела зима на подготовки за реконструкција на владата? Па, тоа реформите може само да ги запре или забави. Ако проевропските партии беа решени да го спроведат во дело тоа што без престан го зборуваат и повторуваат нивните лидери, што ни требаше ова десетнеделно натегање за функции и ресори, министерства и директори, како „Хаус оф кардс“ за сиромашни? Измачувачко и за јавноста понижувачко лицитирање со пратеници и функции, како тие да се најважни и најитни за решавање. За на крајот, по сите престројувања и комбинаторики, сето тоа да може да испадне и наполно залудно (мнозинството во Собранието да остане со приближно ист број пратеници како досега)?

Ако Таравари и неговите навистина се заколнатите европриврзаници какви што секојдневно нѐ убедуваат дека се, зошто не гласаат за уставните измени и без да се туркаат да влезат во власта? Или копчињата за гласање во Парламентот полесно се стискаат ако си на власт? Да беше докторот од Гостивар таков непоколеблив проевропеец за каков што се претставува, ќе инсистираше ли да се ценка и со недели да „преговара“ баш за Министерството за правда, каде реформите се најитни и најважни? Како ќе реформира сега набрзина неговиот министер? Догодина и него ќе го сменат. А, што е со здравството, образованието, администрацијата? Сепак изгледа не им се брза баш толку со тие проевропски реформи.

А, не му се брза и на Сашо Мијалков во струшкиот државен пансион. Ако не дојде спас од Стразбур за некој ден, ене го кај е април – пак некои нереформирани судии ќе пуштат да му застари и тоа што досега не му застарило и тој конечно ќе може да прогласи комплетна победа против сите нас – мегатриумфот на Гаргамел над Штрумфовите, на скапаниот систем над правото и правдата. И повторно, на тие што му дозволуваат да се мајтапи со државата и со законите, најмногу што може да им се случи е да ги сменат од функцијата, а и тоа се случува еднаш во десет години.

На повеќето од нас, чиишто животи незадржливо ги голта бескрајната транзиција, навистина ни се брза да фатиме нешто од нормалниот свет, барем да го вкусиме достоинствениот живот. Веќе немаме години да чекаме да стигнат редот и правдата – тие години одамна ги изедоа нашите „скакулци“: корумпираните политичари, алчните олигарси, потплатените судии. Ако сте доволно стари да ги паметите сличните и слично празните ветувања за реформи од пред 20 и 30 години, многу е тешко да се биде оптимист. Станува сѐ потешко и да најдете разумни луѓе што ќе продолжат да го поддржуваат ваквото, практично фиктивно „патување“ кон Европа – со власт што наспроти имиџот што го гради, личи дека нема ни желба, ни волја вистински да го европеизира општеството, со партии што се интересираат и се грабаат исклучиво за функции и моќ, со опозиција заглавена меѓу нерасчистеното криминално минато и збунетата сегашност…

Никој реален не очекува оваа реконструирана влада да биде нешто поспособна и да направи нешто повеќе од досегашната или досегашните. Ќе ја прифатиме од немај-каде и со последните капки добра волја, ние што уште негуваме барем малку надеж во сонот дека Македонија може да биде европска земја (во најубавото значење на тој збор). Но, освен на власта, која дури и однекаде тврди дека вклучувањето на Алијансата ќе донело „нов квалитет“ во владејачкото мнозинство, секому е јасно дека ништо важно нема да се смени, освен што во неколку фотелји ќе седнат други луѓе. Не треба да сте Ајнштајн, за да го увидите она неговото: Ние живееме во дефиницијата на лудилото – постојано правиме исти работи, а очекуваме различни резултати.

Здодевните и предолги преговори за влегување на АА во власта по нешто ме потсетија на една друга македонска политичка травестија – фамозните „пржински“ лидерски средби, на кои партиските главатари, надвор од секоја уставна и законска надлежност, под будното око на меѓународните „олеснувачи“ решаваа тешки кризи и судбински прашања за државата. И тогаш и сега, сите многу добро знаевме дека сѐ било одамна „стратешки“ договорено со пријателите од меѓународната заедница, а пред камерите и во кабинетите се играат лоши претстави на нашите „лидери“ за кревање на паднатите акции кај разочараните граѓани и гласачи.

А на „меѓународните“, демек, им е многу важно Македонија да влезе во ЕУ, особено со импликациите на руската инвазија врз Украина и влијанието на Москва на Балканот. Толку им е важно и им се брза на западните пријатели, што упорно одбиваат да ги притиснат нашите политичари за овие да престанат да ја силуваат државата на секакви начини. Сме виделе како ефективно притискаат, кога сакаат. Ако се толку решени да нѐ внесат во Европа и да нѐ спасат од „малициозните“ руски влијанија, што не ја притиснат малку и Софија? За кого работат бугарските власти со апсурдото блокирање на Македонија во Брисел, ако не за Русија и за Путин?

Од Вашингтон неодамна дојдоа навидум сериозни најави дека овдешни функционери, поранешни и сегашни, би можеле да се најдат на американските „црни листи“ и под санкции поради корупција. Предновогодишно се понадевавме дека ова е долго чеканата благовест за „камшикот“ што ќе го запре општото распаѓање на државата. Но, од тоа засега нема ништо. Тие најави, спротивно на строгоста и сериозноста со кои беа пренесени, по само неколку недели веќе личат на празен политички маневар врзан за игрите околу уставните измени и дневнополитичките мешетарења.

Штета ако испадне така, зашто скоро и да немаме друга надеж, освен таа дека некој однадвор ќе ни пружи рака нам, на македонските граѓани, и ќе нѐ спаси од нашите лидери, всушност од самите нас – од поразителните последици на нашите избори и гласања. Како долгогодишни, осведочени американски пријатели и сојузници, може сега е добра шанса да ги убедиме конечно да нѐ земат под свое. Ако може Порторико, можеме и ние. Драги пријатели од САД: Праќајте веќе еднаш некој гувернер од тие строгите – да го преврти каменот и да гледаме како бегаат овие нашиве кога ќе ги огрее светлината од Земјата на слободните. И тоа ќе биде нешто, додека ја чекаме правдата од Домот на храбрите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот