Харисон Форд/ Доналд Трамп - Фото: EPA

Харисон Форд без влакна на јазикот: „Трамп е најголемиот криминалец во историјата“

Холивудската легенда Харисон Форд повторно остро го критикуваше Доналд Трамп за неговото негирање на климатските промени и повлекувањето на политиката за животна средина. Во интервју за британскиот „Гардијан“, актерот рече дека американскиот претседател „го плаши до срж“ и го нарече „инструмент на алчноста и статус кво“.

Пред доделувањето на Наградата за еколошко лидерство во музејот „Филд“ во Чикаго, Харисон Форд даде низа остри коментари во едно интервју за Доналд Трамп и неговите политики за климатските прашања.

„Трамп нема политика, тој има само каприци. Тоа ме плаши ужасно. Незнаење, ароганција, лаги, измама… Тој знае подобро, но е алатка на постоечкиот поредок и заработува пари додека светот се урива. Не можам да се сетам на поголем криминалец во историјата “, рече 82-годишниот актер.

Трамп ги нарече климатските промени „најголемата измама во историјата“ во говорот пред Обединетите нации минатиот месец, додавајќи дека „секоја земја што нема да ја напушти оваа зелена измама ќе пропадне“. За време на неговиот мандат, неговата администрација систематски ги поништи регулативите за чист воздух, ги запре проектите за обновлива енергија, охрабри нови дупчења за нафта и ја забрани употребата на термините „климатски промени“ и „емисии“ во владини документи.

Форд, кој со децении е активен во еколошките иницијативи, нагласи дека ваквите политики не го изненадуваат: „Го кажувам ова веќе 30 години. Сè што предвидовме за климатските промени – се случи. Зошто тоа не е доволно за луѓето да го променат своето однесување? Поради вкоренетиот статус кво.“

И покрај сè, актерот одржува доза на оптимизам: „Верувам дека сè уште имаме време да го промениме однесувањето, да развиеме нови технологии и да имплементираме одржливи политики. Луѓето се неверојатно прилагодливи и досетливи. Кога се фокусираме на проблем, обично успеваме да го решиме.“

Ова не е првпат Форд да го критикува Трамп. Уште во 2024 година, тој отворено ја поддржа тогашната демократска кандидатка Камала Харис на претседателските избори. Во видео порака објавена на Икс, тој рече: „Камала Харис ќе го заштити вашето право да не се согласувате со неа, но таа ќе работи за сите Американци. Другиот човек бара слепа лојалност и зборува за одмазда. Имам еден глас како и сите други и ќе го искористам за да продолжам напред.“

На крајот додаде: „Трамп помина четири години вртејќи нè едни против други и наговарајќи ги диктаторите. Ова не е Америка каква што ја познавам. Не мора повторно да ја направиме одлична – веќе сме, но мора повторно да научиме да работиме заедно.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот