Антонио Гутереш / Фото EPA-EFE/GIAN EHRENZELLER

Гутереш алармира за мрачна иднина: Шефот на ОН им порача на Америка и на Израел да ѝ стават крај на војната

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, нагласи дека последиците од кризата повеќе не се ограничени само на регионот, посебно укажувајќи на сериозните нарушувања поврзани со слободата на пловидба.

Обраќајќи им се на новинарите пред Советот за безбедност во Њујорк, генералниот секретар на ОН даде мрачна слика за наглото влошување на состојбата, додека Израел и САД продолжуваат да го бомбардираат Иран, а Техеран изведува напади врз соседните заливски држави и им се заканува на бродови што ги смета за непријателски дека не треба да го користат клучниот Ормуски Теснец.

– Со секој ден што оваа војна продолжува, човечкото страдање расте. Размерите на разурнувањето растат. Неселективните напади се растат – изјави Гутереш, додавајќи дека секојдневно се зголемуваат нападите врз цивили и цивилна инфраструктура, како и опасностите за светската економија, особено за најранливите општества кои зависат од увоз на енергија.

Опасност од свет во војна

Тој нагласи дека последиците од кризата повеќе не се ограничени само на регионот, посебно укажувајќи на сериозните нарушувања поврзани со слободата на пловидба.

– Кога Ормускиот Теснец е задавен, најсиромашните и најранливите во светот не можат да дишат – предупреди тој.

Гутереш посочи дека последиците веќе се гледаат „во секојдневниот живот на луѓето што се борат со растечки цени на храната и енергијата, од Филипините… до Шри Ланка… до Мозамбик“.

За да се спречи оваа ескалација, генералниот секретар најави дека го испраќа својот личен пратеник Жан Арно во регионот, за да помогне во тековните мировни иницијативи.

– Спиралата на смртта и уништувањето мора да запре – порача тој, повикувајќи дипломатските напори да добијат простор и поддршка за да успеат.

Гутереш истакна дека секое решение мора цврсто да се темели врз меѓународното право и на Повелбата на Обединетите нации.

Тој повика споровите да се решаваат по мирен пат, да се почитуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на сите земји-членки, како и да се заштитат цивилите и нуклеарните постројки што се под закана во Иран и на други места, додека војната се шири.

Туск отворено кон Трамп: Политиката на Вашингтон му оди директно во прилог на Путин

Порака до САД, Израел и до Иран

Директно обраќајќи им се на завојуваните страни, генералниот секретар изјави:

– До САД и до Израел, крајно време е да ја запрат војната што предизвикува огромно човечко страдање и веќе носи разорни економски последици.

Тој додаде дека Иран мора да престане да ги напаѓа своите соседи.

Гутереш порача дека одговорноста за запирање на кризата е кај светските лидери, потсетувајќи дека Советот за безбедност веќе ги осудил нападите и повторно нагласил дека мора да се почитува слободата на пловидба по стратешките поморски правци. Според генералниот секретар на ОН, конфликтите не престануваат сами од себе, туку завршуваат само кога ќе преовлада политичка волја за разговори наместо за понатамошно уништување.

Во истата расправа пред Советот за безбедност, помошник-генералниот секретар Халед Хијари оцени дека Блискиот Исток се наоѓа на исклучително опасна точка, додека претставниците на заливските земји остро ги осудија иранските напади. Генералниот секретар на Советот за соработка во Заливот, Џасим Албудаиви, изјави дека биле погодени аеродроми, нафтени капацитети, станбени и деловни објекти, складишта за гориво и дипломатски мисии, оценувајќи дека тоа претставува грубо кршење на суверенитетот на земјите од ГЦЦ.

Техеран тврди: Околу седум милиони Иранци се подготвени за борба против САД

Покрај безбедносната криза, во фокусот на Обединетите нации останува и хуманитарната состојба во Сирија, која дополнително се влошува поради новиот бран повратници и раселени лица. Според ОН, од почетокот на војната на Блискиот Исток во земјата се вратиле околу 180.000 сириски државјани, како и 25.000 Либанци, што создава дополнителен товар врз веќе ослабените капацитети.

Шефот на хуманитарните операции на ОН, Том Флечер, истакна дека многу семејства пристигнуваат без речиси никакви средства за живот, но во исто време посочи дека во Сирија има и обиди за обнова, повторно отворање на пазарите и враќање на основните услуги. Тој нагласи дека тимовите на ОН се обидуваат постојано да се приспособуваат на новите потреби, а пред посетата на Сирија лично сведочел и за драматичната состојба во Либан, каде што повеќе од еден милион луѓе биле раселени за неколку недели поради судирите меѓу Израел и Хезболах.

Макрон вели дека е „нереално“ да се отвори Ормускиот Теснец со сила

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот