Ѓуровски: И опозициски пратеници ќе одлучуваат за прогласувањето кризна состојба

И опозицијата ќе има улога во донесувањето на одлуката за прогласување кризна состојба, потврди професорот на Факултетот за безбедност, Марјан Ѓуровски, детално објаснувајќи ја процедурата и разликите меѓу кризната и вонредната состојба.

– По формирањето на Управувачкиот комитет и Групата за проценка на препораката на Советот за безбедност, пред членовите на Комитетот ваквата препорака за кризна состојба ќе треба да ја образложат претставник на претседателот на државата и министерот за здравство. Токму за образложението, во Комитетот, ќе расправаат и директорот на Центарот за управување со кризи, но и претставник на собраниската Комисија за одбрана и безбедност, но од редовите на најголемата опозициска партија. Откако ќе биде дадено мислењето на Комитетот останува препораката да ја потврди Владата, појасни Ѓуровски.

Професорот додава дека една од клучните разлики во однос на вонредната состојба е токму парламентарната контрола, којашто Собранието ќе ја има врз секоја донесена одлука на Владата, бидејќи во овој случај не се носат уредби со законска сила.

Во разговор за Слободен печат, пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои членуваат во Комисијата, потврдија дека ги добиле неопходните материјали и наскоро ќе го соопштат ставот за предлогот на Советот за безбедност за прогласување кризна состојба.

Понатаму, професорот Ѓуровски нагласува дека во овој случај била искористена можноста која ја дава Законот за управување со кризи, кој предвидува армиска поддршка на цивилните власти во време на епидемија.

Сега здравствените власти ќе можат да ги користат воените капацитети, како што е Воено-медицинскиот центар, па дури и камионите во насока на логистика. Војската може да биде користена и за обезбедување на виталните центри, па оттука важи принципот на субординација и МВР ја презема командата, додава Ѓуровски.

Тој истакна и дека во претходно прогласените кризни состојби се воочиле проблеми при делувањето на системот на управување со кризи, особено немањето координација меѓу ЦУК и Дирекцијата за заштита и спасување. 

За професорот потребата од прогласување кризна состојба е реална и ќе биде доволен механизам за менаџирање со здравствените потреби, посочувајќи дека сега постои можност приватна амбуланта или болница да биде доброволно отстапена на јавното здравје или пак Владата да склучи договор со приватна здравствена установа за надомест од 30 проценти од пазарната цена на услугата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот