Групата „Вел“ концертно го промовираше албумот „Црнило“ во Битола

Групата „Вел“, која во текот на 2021 година го сними својот прв албум со наслов „Црнило“, на 18 февруари, во клубот „Вакум“ во Битола, имаше концертна промоција на снимениот материјал.

Иако станува збор за нова група на македонската независна сцена, сепак членовите на бендот веќе имаат историја на свирење во повеќе групи, а тројца од „Вел“ претходно биле дел од групата „Говермент“.

Патот по кој се движи групата „Вел“ претходно е трасиран од музичките величини, како „Падот на Византија“, „Мизар“ и „Анастасија“, а „притоа мудро и вешто дистанцирајќи се од секоја од нив“, забележува рецензентот на албумот „Црнило“, Илија Талев.

– Отсекогаш сум сакал, без разлика за која група станува збор, кога како основа на музичкиот израз, беспрекорно функционира односот помеѓу басот и тапанот. Во овој случај, очигледно е дека басистот Томе Спасовски и тапанарот Сашо Ристевски се во синхрона музичка кохезија. И тоа е ударната каписла на групата, т.е. локомотивата, која ја движи целата музика во однапред зададен правец.

Од друга страна, ако се тие локомотивата, тогаш гитаристот Златко Никодиновски е машиновозачот, поточно, движечката сила во групата, како што самите кажуваат. Музичкиот облик го заокружува клавијатуристот и придружен вокал Денис Алитовски со своите префинети, суптилни, ненаметливи интервенции, како јаготка на шлагот на целата приказна.

Настап на групата „Вел“ во клубот „Вакум“ во Битола / Фотографија: Атанасија Гулевска

Важно е да се напомене и тоа дека во прво време како надворешен соработник на албумот, а сега веќе и како постојан член на групата се појавува гитаристот Александар Гулевски („Процес“, „Suns“, „Fresh“), ветеран на македонската музичка сцена, кој со своето знаење како дипломиран историчар на уметноста и магистер по византиска историја, дополнително го зголемува кредибилитетот на групата – забележува Талев.

Според Талев, „Црнило“ на групата „Вел“ е најдобриот музичко-артистички концептуален албум (музика, текст, графика, видео) во поновата македонска рок-историја истакнувајќи дека „најголемиот атрибут на групата се текстовите, сопственост на басистот Томе Спасовски. Истурени во преден план, изненадувачки смели, со јасна реално сурова порака, на моменти заплашувачки, тие се ѕвезда водилка и јадро на целата музика која кружи околу нив, создавајќи една фузија, придружена со најразлични современи музички звуци, градејќи модерен и софистициран звук“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 118, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 26-27 февруари 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот