Груевски за денешното судење: Орце во тоа време би долетал да се сретне со мене ако сум сакал да го викнам на средба

Никола Груевски, Фото: Архива

Својата одбрана за случајот „Плацеви на Водно“ како и за многуте други против него, Никола Груевски нема да ја даде во судот поради тоа што во ноември  2018 година побегна од Скопје во Будимпешта, но оттогаш редовно на Фејсбук реагира по секое судско рочиште каде е првообвинет или пак се обвинети неговите блиски соработници и сведочат против него.

Груевски и овојпат своето подолго излагање го започна со напад врз правосудниот систем и обвинување за „брутален и невиден политички прогон“. „Со пресудите и со обвинетите се тргува како на пазар. Се тргува и се продаваат луѓе и човечки судбини заради политички цели“, пишува Груевски на Фејсбук.

Тој се осврна на денешното сведочење на Ристо Новачевски и на Орце Камчев.

-Ристо Н. срамно лаже. Тоа не е вистина. Никогаш не сум помислил да правам градежна фирма а уште помалку Ристо да е управител. Никогаш преку никаква и ничија фирма или лице не сум купил земјиште или станови. Преку овој лажен исказ сакаат да кажат дека кога бев премиер, кога работев по 15 часа на ден да ја при движам земјата напред, и кога Македонија под мое водство како премиер редеше успеси на секое поле, економијата растеше со највисоки стапки во Европа и имавме успешни реформи на секое поле, јас сум сакал да станам градежник. Тоа е бесрамно лага, пишува Груевски.

Тој за Орце Камчев пишува дека „се испазарил” и „преку ноќ” ја сменил изјавата и погазил се што зборел до сега, изјава за која цела јавност ја убедуваше дека е вистина и жестоко ја напаѓаше обвинителката речиси на секое рочиште дека прави лажна конструкција.

– На прашање дали сум ги превзел тие станови, кажал дека не сум ги превзел и дека ми ги чувал Мето Стојчевски, кој е зет од сестра на Орце Камчев. Какви лаги!!! Неверојатно!!! Неможам да поверувам!!! Ниту поседувам такви станови, ниту сум ги договорил со некој, ниту некој ми ветил или ми чува станови некаде, каде незнам ни каде точно е тоа, ниту со некого сум договарал такво нешто. Па вака секој што има станови може да каже еве овие станови кои не ми се продадени ги чувам за Груевски. Еден ден да му ги дадам и да ги превземе. Каква лудост!, напиша Груевски.

Потоа тој се осврна и на блиските контакти со Камчев, лут што бизнисменот денеска посочи дека комуницирале преку неговата сестра Тина Камчева.

– Ако сум сакал да му кажам нешто, зошто тоа би го правел преку сестра му. Па тој во тоа време би долетал да се сретне со мене ако сум сакал да го викнам на средба, како што би долетал кај било кој премиер да го повика. Зошто би одел преку сестри, браќа, зетовци и слично ако ми требало услуга од Орце Камчев?, прашува Груевски.

На крајот тој заклучува дека „оваа игра е смислена неодамна и е набрзина обмислена, па така многу од денешните изјави се контрадикторни на доказите на обвинителството“.

-Невидена игра, како во холивудски филм. Но во тие филмови секогаш победува правдата и вистината. За сега ми останува да верувам дека порано или подоцна и во оваа голема хајка на власта против мене, во која не се бираат средства, ќе победи вистината, дециден е експремиерот со азил во Унгарија и десетина кривични пријави во РСМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот