Груби бил во опасност од познат криминалец, нашите и за тоа дознале од странска служба
Обвинителот Даниел Коцев, кој предложи поранешниот вицепремиер Артан Груби да оди во куќен притвор, се водел од три службени белешки кои по автоматизам од МВР стигнале до Јавното обвинителство, а укажувале дека на Груби во затворот „Шутка“ би му била загрозена безбедноста, објави ТВ „24“ повикувајќи се на извори во истражните органи.
Препорачано
Груби се врати во Македонија неделава и се предаде, откако 14 месеци бегаше од истрагата која го гони за милионски злоупотреби во Државната лотарија во времето кога беше вицепремиер. Тој се појави на граничниот премин „Блаце“, од каде и избега од земјава, а таму го чекаат камери кои го забележаа овој чин.
Мицкоски не можеше да избега од прашањата за бегалецот Груби
Според неофицијалните информации на телевизијата „24“, клучната дојава дека Груби е во опасност, Агенцијата за национална безбедност (АНБ) ја добила од странска разузнавачка служба, од една од земјите од соседството, која пред повеќе од една година ја испратила до МВР, а полицијата по службена должност ја препратила во ОЈО.
Откако во понеделникот ОЈО предложи, а Кривичниот суд го прифати предлогот на Груби наместо ефективен, да му се одреди куќен притвор, властите побрзаа вината за чудната одлука да им ја префрлат на Обвинителството и на Судот, додека опозицијата поентираше дека куќниот притвор е потврда на тезата дека враќањето на Груби е резултат на некаков политички пазар, односно договор. По ова, беше објавено дека Груби всушност имал закани по безбедноста во затворот „Шутка“ и дека тоа била причината за куќниот притвор, но тоа, пак, практично значи дека државата признала оти не може да му ја гарантира безбедноста на притвореник, што исто така е очигледно проблематично.
Изворот на ТВ „24“ вели дека на Груби по странската дојава од предминатата есен, му било доделено полициско обезбедување, кое го користел сè додека не избега од Македонија, во декември 2024 година. Во меѓувреме, МВР споделило и други информации до Обвинителството, кои до полицијата стигнале како сознанија од институциите и укажувале на тоа дека поранешниот висок функционер не е безбеден. Една од тие белешки, според истиот извор, се појавила откако Груби избега. Нема детали за тоа какви други опасности го демнеле поранешниот функционер.
Официјално од АНБ не сакале да коментираат, а од МВР индиректно ги потврдиле информациите на ТВ „24“ и повторуваат дека полицијата не била таа што правела какви било проценки за тоа каде Груби би бил побезбеден.
Наводите дека во „Шутка“ не можело да му се гарантира безбедноста на кој било притвореник, ги отфрли директорот на затворот, Бобан Утковски.
Додека институциите си ја префрлаат одговорноста за омекнувањето на мерките против поранешниот вицепремиер обвинет за милионска проневера на државни пари, Груби, во очекување на обвинението и судскиот процес, тоа ќе има можност да го следи од дома.
Ова е втор случај за една недела во кој безбедносните служби добиваат клучни информации за сериозни закани од странски служби. Минатиот викенд, момче од тетовското село Речица, кое на социјалните мрежи се заканувало дека ќе изврши масовно убиство, беше уапсено откако американското ФБИ испратило дојава до амбасадата на САД во земјава, а таа ја известила нашата полиција да оди и да го уапси. Кај момчето беше пронајден цел арсенал разновидно оружје, муниција и тактичка опрема, а уапсен беше и неговиот 89-годишен дедо.


