Славица Грковска
Фото: Влада на РСМ

Грковска вели дека е загрижена за спогодбите на Обвинителството со Мијалков и Камчев

„Во целиот синџир на институции кои се одговорни во борбата против организираниот криминал и корупција, ние треба да водиме сметка сите институции да бидат јаки и одговорно да си ја вршат работата. Една слаба алка може да го наруши тој систем. Ако, на пример, постапката нема сериозна завршница во судството, тогаш целиот систем пропаѓа во вода. И тогаш се зголемува недовербата кај граѓаните“, вели вицепремиерката задолжена за креирање на политики за добро владеење Славица Грковска во интервју за „Макфакс”.

Нејзината изјава доаѓа откако во изминатите месеци, со обвинителството се спогоди поранешниот шеф на тајните служби Сашо Мијалков, како и бизнисменот Орце Камчев, кои признаа вина и добија поблаги казни, а со дополнително изигрување на прописите, ги променија адресите во личните документи на охридски, што им овозможи да лежат во Струшкиот затвор, кој е од отворен тип.

Во интервјуто Грковска се осврна на активностите на Кабинетот поврзани со зголемување на свесноста и отворање на прашањето во јавноста за институтот спогодување за вина, кој повеќе години постои во нашиот правен систем, но последниов период предизвика сериозно внимание во јавноста.

„Ги следев реакциите во јавноста и ја споделувам загриженоста за тоа како во изминатите неколку месеци се (зло)употребуваше институтот спогодување за вина. Без оглед за кого станува збор, законите треба да важат за сите подеднакво. Не можам да прифатам независноста на институциите да биде параван за самоволие. Независноста на институциите би требало да биде уште поголем товар за одговорност. А посебно кога станува збор за вакви чувствителни институции “, потенцира Грковска.

Грковска истакна дека правосудните органи и судството се меѓу првите три што од страна на граѓаните се препознаени како институции во кои тие немаат доверба и за кои се смета дека има голема корупција. Таа ги охрабрува поединците во институциите да бидат погласни против корупцијата и злоупотребите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот