Грчкиот филмски фестивал направи филмска вивисекција на современото грчко општество
Три кратки и три долгометражни современи грчки филмови беа на програмата на четвртото издание на Фестивалот на грчки филм, кој го приближи светогледот на современите грчки филмски автори до македонската публика.
Препорачано
Четвртото издание на Фестивалот на грчки филм во организација на Амбасадата на Грција во Скопје, Конзулатот на Грција во Битола и Интернационалниот филмски фестивал „Киненова“ се одржа од 7 до 9 април во Скопје и од 8 до 10 април во Битола.
На програмата беа долгометражните играни филмови „Не би сакал да сум непристоен, но мораме сериозно да разговараме“ на Јоргос Георгопулос (2019), „Невидлив“ на Димитри Атанитис (2016) и „Жена – убиец / Фониса“ на Ева Натена (2023), како и кратките филмови „Тишината на рибата што умира“ на Василис Кекатос (2019), „Бјути“ на Танос Либеропулос (2020) и „Поглед од балконот“ на Арис Капланидис (2022).
На фестивалските вечери, покрај тешките тематики на филмските остварувања, владееше исклучително позитивна атмосфера благодарение на љубезноста и срдечноста на претставниците од Грчката амбасада, предводени од амбасадорката на Република Грција, Н.Е. Софија Филипиду. Амбасадорката Филипиду се заблагодари на соработката на фестивалот „Киненова“ и на Кинотеката на Северна Македонија.
Посебен акцент во програмата беше ставен на филмот „Жена – убиец / Фониса“, со кој беше затворен фестивалот.
– Филмот е инспириран од култниот роман на познатиот грчки писател Александрос Пападијамантис. Тој е еден од најистакнатите грчки писатели, чии дела имаа големо влијание на модерните грчки автори, а неговиот роман се разгледува низ призмата на родовите студии – посочи Филипиду.

Филмот „Жена – убиец / Фониса“ е втора адаптација на истоимениот роман по онаа на Костас Ферис од 1974 година и жестоко ја отвора темата на доминација на машкиот над женскиот пол, на жената како жртва на цврсто вкоренетите традиции и обичаи кои долго време биле зацврстени дури и во позитивното грчко законодавство.
Станува збор за филм кој е заснован на настани кои реално се случиле кон крајот на 19-иот век. На присутните со видеопорака им се обрати и режисерката Ева Натена, која се заблагодари на организаторите на Фестивалот и вети дека во октомври ќе допатува во Скопје.
– Многу сум среќна што филмот се прикажува на Фестивалот на грчки филм во Северна Македонија, би сакала да можам да присуствувам, но тоа е тешко во моментов. За мене и моите соработници е мошне важно што можев да ја опишам траумата на мојата мајка и посакувам сите да го доживеете филмот во вистинско светло – рече Ева Натена, објаснувајќи дека филмот го работела врз основа на истражувања кои траеле десет години.
Главниот женски лик Хадула, која го изгубила својот сопруг на млада возраст, е жена која научила да преживува во крајно патријархално општество. Но, Хадула не толку лесно ја прифаќа таа судбина. Нејзината лична, внатрешна, револуција набргу ќе излезе на површина. Жртви на нејзиниот испад се малите девојчиња на островот, кои таа ги ослободува од општествениот и економскиот товар што го носи нивното постоење – со одземање на нивните животи. Нејзините постапки ќе ја доведат лице в лице со властите.

Програма на фестивалот беше направена според концептот да се приближи светогледот на современите грчки филмски автори, кои прават вивисекција на современото грчко општество. Доминираа темите за машко-женските односи, доминацијата на мажите, оттуѓеноста на современиот човек во грчкото општество, занимавањето со смртта во разни димензии, како казна, како решение, како поттик, како мотивација.


