Граѓаните со протест ќе го бранат струмичкиот земјоделски крај од рудникот

Граѓанското движење „Здрава котлина“ најави протест кој ќе се одржи на 15 јули, а е насочен против „рудникот на смртта“ во Иловица, како што го нарекуваат еко-активистите. Најавата за протест доаѓа откако владата донесе одлука со која се спојуваат две концесии за експлоатација на бакар и злато во Босилово, Иловица и Ново Село. Потенцијалната концесија ќе трае до 2042 година, одлуката е објавена во Службен весник и на нозе ги крена граѓаните против потенцијалните ископи на руда. Истите се доделени на Друштвото за производство, промет и услуги „Еуромакс Ресоурцес ДОО Скопје“ со одлука донесена на седница на Владата од 27 јуни годинава. Управниот суд наложил Владата повторно да одлучува и повторно да разгледува да ги спои концесиите.

„Почитувани жители на Македонија, соборци, сограѓани, без разлика на пол, вера, социјален статус, политичка или било каква друга определба, на струмичката котлина ѝ се заканува грозоморно убиство! Со последниот потег на корумпираните судови и владата, рударските корпорации се на чекор да го отворат геноцидниот и екоцидниот проект, рудникот „Иловица-Штука“. После алармантната вест за спојувањето на концесиите, реакциите на здраворазумните луѓе не стивнуваат! Нивниот и нашиот став е кристално јасен – ќе се бориме до крај“, велат организаторите на протестот „Здрава котлина“.

Оттаму повикуваат во знак на протест сите граѓани да ја одбранат струмичката котлина и нејзините животоносни продукти.

„Во знак на протест на неразумната одлука, ве повикуваме сите заедно да го изразиме нашиот револт за да ја одбраниме струмичката котлина од алчните злосторници и нивните соработници кои со отворање на рудникот подмолно и беспоштедно сакаат да ни ги отрујат трите основни извори за живот: водата, почвата и воздухот! А тоа води до трајно иселување од нашите огништа и засекогаш да ја напуштиме нашата котлина преполна со живот“, се вели во соопштението за протестот.

„Здрава котлина“ ги повикува сите поединци, граѓански здруженија, спортски, велосипедски, планинарски, моторџиски и разни организации од струмичката котлина, од Југоистокот и цела Македонија, на протестна блокада во Струмица. Блокадата според најавите, ќе се одржи на 15 јули во сабота, со почеток во 11 часот на раскрсницата на центарот во Струмица, веднаш до градскиот пазар Глобал.

„Време е да ја земеме судбината во свои раце и јасно да им ставиме на знаење дека никаков рудник за злато и бакар нема да има во Иловица – Штука! Татковината се брани активно со дела“, велат од „Здрава котлина“.

Од владата потенцираа дека не се доделуваат нови права на концесионерот и со спојувањето на концесиите не му се дава право да врши експлоатација на руда. За да може да врши експлоатација, потребно е да добие дозвола за експлоатација согласно Законот за минерални суровини. „Еуромакс Ресоурцес ДОО“ има доставено барање за ваква дозвола, ама уште не им се комплетирани зашто недостасуваат одобренија од други институции.

„Дозвола за експлоатација нема да биде издадена без претходни консултации и сослушување на ставовите на локалното население, што е законски редовна постапка при издавање на решение за одобрување на студија за заштита на животната средина, без која не може да се издаде дозволата“, велат од владата.

Ќе се отвори ли „рудникот на смртта“ како што го нарекуваа екологистите во струмичко

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот