Граѓаните да внимаваат, гавраните и чавките почнаа да напаѓаат

Фото: "Слободен Печат" / Драган Митрески

Истражувањата покажале дека овие птици, а особено гавраните, енергично ги бранат своите младенчиња и ги напаѓаат потенцијалните „грабливци“ со летање кон нив и клукајќи ги со своите клунови, особено ако се во близина на нивното гнездо.

Чавки и гаврани и оваа пролет напаѓаат граѓани по скопските улици. Утрово двајца се пожалија во нашата редакција дека одејќи на работа биле ненадејно нападнати од овие птици во централното градско подрачје, поточно на крстосницата кај Градска болница и кај Арапска куќа.

Само што почнав да ја поминувам раскрсницата, кога одеднаш почувствував силен удар од назад во главата. Инстинктивно се наведнав, а потоа се свртев да видам што се случува, но не забележав ништо. Еден минувач ми кажа дека одзади ме нападнала чавка. За среќа, немам повреди, ниту гребаници – ни раскажа Благоја.

Другиот граѓанин имал „блиска средба“ со гавран на плоштадот „Јадран“ во близина на Арапска куќа. Како што вели, движејќи се накај работното место, одеднаш почувствувал дека птица му слетала одзади на главата.

Ме загреба двапати на косата и одлета. Кога се свртев, видов дека покрај неа има уште една. Едната буквално „накострешена“ ме гледаше како да ме брка оттаму. Непријатно чувство, но претпоставувам дека птиците имаа младенчиња и си ги штитеа – објаснува соговорникот.

Секоја пролет граѓаните се сведоци на невообичаеното однесување на овие птици, кога најчесто случуваат и напади врз луѓето и речиси редовно во пределот на главата. Некои од нив поминуваат без повреди, но некои и со раскрвавени глави. Ударот на птиците е силен и болен, а доколку кожата се разрани, неизоставно треба да се посети лекар.

Пролетта е период кога имаат младенчиња, а чавките и гавраните се познати како заштитнички птици и веројатно ги штитат младите. Но, навистина не би можеле да кажеме зошто точно напаѓаат и зошто напаѓаат селективно, затоа што ние ветеринарите немаме големо искуство со дивите птици. На пример, тука во близина, во ТЦ „Лептокарија“ има една чавка, за која многумина се пожалиле дека ги нападнала, без оглед кој период од годината е, односно без оглед дали има младенчиња или не – објаснуваат од ветеринарната амбуланта „Вет ин“.

Гавраните и чавките ги има во голем број низ Скопје, затоа што во градот лесно доаѓаат до храна, така што често можат да се забележат како колваат по контејнерите и депониите. Гавраните најчесто и ги прават гнездата во крошните на дрвјата што се наоѓаат во близина на контејнери, додека, пак, чавките се гнездат во дупки од дрвја, во напуштени, но и населени згради и оџаци.

Истражувањата покажале дека овие птици, а особено гавраните, енергично ги бранат своите младенчиња и ги напаѓаат потенцијалните „грабливци“ со летање кон нив и клукајќи ги со своите големи клунови, особено ако се во близина на гнездото на гавранот. Особено се опасни доколку некое од нивните младенчиња испадне од гнездото. Периодот на ваквото агресивно однесување трае додека младенчињата станат целосно подготвени за да летнат, по што престануваат со напади врз луѓето.

Фото: “Слободен Печат” / Драган Митрески

Можат ли граѓаните да се заштитат од нападите на овие птици периодов?

Единствено што можат да направат е да се однесуваат внимателно и да ги заобиколуваат местата каде што има гаврани и чавки, кои се бучни и лесно се забележуваат. Или, доколку сепак се решат да поминат во близина на нивните гнезда, да бидат мирни и да не прават нагли движења. Препорака до граѓаните и да не се приближуваат до младенче паднато од гнездо, затоа што повеќе од сигурно е дека ќе бидат нападнати од неговите родители.

Бидејќи птиците секогаш ја напаѓаат главата на човекот, добар совет е да се носи капа или чадор на локациите каде што има гаврани и чавки. Капата ќе го ублажи ударот, а чадорот ќе ги исплаши птиците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот