„Граѓаните да не покажуваат голотија на јавни места“- Општина Струга забрани шетање низ центарот со костими за капење

Фото: Фејсбук/Општина Струга

Општина Струга забрани да се шетаат туристите со костими за капење низ центарот на градот. За таа цел веќе имаат поставено знаци низ централното шеталиште, а одлуката Општина Струга ја објави на официјалниот фејсбук профил.

„Заради почитување на јавниот ред, особено за време на летната туристичка сезона, низ централното шеталиште (од Чаршискиот мост до Зелениот пазар), се забранува шетање во бикини и гаќички за плажа во текот на целиот ден.Ги замолуваме сите гости и туристи кои се разладуваат на езерото или на Црн Дрим, да ги почитуваат правилата на доброто однесување и на јавниот ред, со непокажување голотија на јавни места и простори.Вашето однесување е слика за градот, затоа сите заедно треба да се обидеме да ја зачуваме позитивната слика на една туристичка дестинација како што е Струга, стои во фејбук објавата на Општина Струга.

Под објавата, од коментарите може да се заклучи дека дел од граѓаните ја одобруваат одлуката, некои не се согласуваат.

Македонија сè уште нема туристичка инспекција и туристичка полиција, иако веќе неколку години Агенција за промоција на туризмот се залага за тоа. И во надлежностите на комуналните инспектори не е предвидено казнување на раскомотените туристи.

Во Сплит, Хрватска на почетокот на оваа година стапи на сила новата одлука за комунален ред, во која се пропишани повисоки казни за прекршителите, па може да се очекува летово да нема туристи во костими за капење на улиците, бидејќи ако бидат фатени по комунален ред ќе бидат казнети од 150 евра.

– Покрај шетање по улици во костими за капење, глоба од 150 евра е пропишана и за оние што пијат алкохол на јавни места, а казната за шетање куче без поводник е во согласност со одлуката за условите и начинот на чување домашни миленици и изнесува 66,36 евра за физичко лице – стои во одлуката на Сплит.

Сплиќани и нивните гости по улиците ќе ги надгледуваат 21 комунален редари, а уште 12 ќе чекаат во зградата на градската управа. Новата сплитска одлука за комунален ред била донесена на последната седница на Градскиот совет во 2022 година, а стапи на сила од Нова година.

Лани за шетање во костим за капење во центарот на Дубровник беа казнети две лица со по 130 евра.

Казната била резултат на градската одлука за комунален ред, со која се забранува одење во костим за капење, без облека или делови од облека, објавија од Град Дубровник.

Како превенција се поставени и информативни табли на повеќе јазици со кои се информираат туристите за да ги избегнат паричните казни.

Со усвојување на одлуката во локалниот парламент, Будва им се придружи на Сплит и Дубровник, кои воведоа казни за голите туристи, при што сумата во Дубровник е 130 евра, а во Сплит 150 евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот