Граѓаните се греат на инвертер клима уреди: За две години, над 6.000 оџаци во Скопје престанаа да чадат

Греењето на инвертер клима-уреди кај скопјани од година во година станува се поатрактивно. Тоа се должи на поволностите кои ги нудат надлежните институции за набавка на ваквиот тип на грејни тела но и на желбата на населението за почист воздух. Според информациите добиени од страна на Град Скопје, вкупно 1.656 семејства, изминатиот период, поднеле барање за субвенции за набавка на инвертер клима-уреди на јавниот оглас кој беше распишан од нивна страна.

Имено, како што информираат градските власти, на јавниот повик на Град Скопје за субвенции за инвертери, поднесени се 1.656 пријави со што се исцрпени средствата предвидени за оваа мерка, притоа објаснувајќи дека во наредните денови ќе се обработуваат пристигнатите барања за субвенции и ако се утврди дека не се исцрпени сите средства предвидени за оваа намена, постои можност повикот да се продолжи, за што јавноста ќе биде навреме информирана.

-Јавниот повик за доделување субвенции за инвертер клима уреди за затоплување на домаќинствата ги опфаќа граѓаните кои купиле инвертер клима уреди од 01.01.2021 година, до завршувањето на повикот на 01.11.2021 години или до денот на исцрпување на средствата. На овој повик граѓаните аплицираа онлајн. Според условите во повикот, на граѓаните ќе им бидат целосно надоместени трошоците за набавка на инвертер клима уред, но не повеќе од 62.000 денари во нето износ – ја објаснуваат постапката од страна на Град Скопје.

Инаку, интересот за набавка на клима уреди од страна на жителите на главниот град беше огромен и минатата година. Колку за потсетување, за добивање на средства од Град Скопје за набавка на овој еколошки начин на затоплување на домовите аплицираа нешто помалку од 5000 семејства а барањата на поголемиот број од нив, беа прифатени.

Услов за граѓаните да добијат средства за набавка на инвертер-клима беше сите заинтересирани на претходно определени пунктови да ги достават грејните тела што дотогаш ги користеле, какви што се печки на дрва или пак печки на јаглен, а за возврат на тоа да добијат средства за купување на клима уред. 

Како што информираа надлежните, при објавувањето на ваквиот повик, целта е да се придонесе за намалување на аерозагадувањето во Скопје преку намалување на бројот на оџаци што чадат заради загревање на домовите во текот на грејната сезона, односно во зимскиот период.

За да се спречи можна злоупотреба од страна на семејствата кои ги искористиле субвенциите и набавиле клима-уред, притоа предавајќи го шпоретот на дрва или на јаглен во некој од пунктовите назначени од градските власти, инспекторите од Град Скопје вршеа контроли во домаќинствата. Од затекнатата состојба на терен инспекторите заклучиле дека сите тие ја почитуваат обврската за затоплување на домовите со клима-инвертер.

Ваква проверка за можна злоупотреба од страна на граѓаните кои ќе добијат средства за набавка на инвертер-клима уреди ќе има и оваа година.

Градските власти меѓу другото ги потсетуваат граѓаните дека од почетокот на проектот за субвенционирање на граѓаните за набавка на инвертер клима-уреди, Градот Скопје престана да дава субвенции за набавка на печки на пелети.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот