Градоначалникот на Рим во Скопје – Ајде заедно да прославиме, Рим за ЕКСПО – 2030, Македонија за ЕУ“

фото: МИА, Градоначалникот на Рим во посета на Скопје

Мојот сон е дека во 2030 ќе можеме заедно да прославиме, Рим за ЕКСПО 2030, а Северна Македонија како членка на ЕУ, затоа да работиме заедно за да ги постигнеме овие цели, порача денеска римскиот градоначалник, Роберто Гуалтиери на настанот во Скопје организиран од Италијанската Амбасада и Делегацијата на ЕУ, на кој беше презентирана кандидатурата на Рим за ЕКСПО 2030 година.

Гаултиери посетата на Скопје ја оцени како одлична, напоменувајќи дека имал повеќе средби на кои се говорело за римскиот проект за ЕКСПО 2030, но станало збор и за преземање конкретни чекори за соработката помеѓу Рим и Скопје, но и меѓу Италија и Северна Македонија.

-Потпишавме Меморандум за разбирање, договор за соработка помеѓу Рим и Скопје во повеќе полиња – култура, бизнис, административна соработка затоа што мислам дека денес се соочуваме со истите предизвици и имаме многу да си кажеме, и мислам дека има огромен потенцијал кога станува збор за туристичката размена и економската соработка помеѓу Италија и Северна Македонија, помеѓу Рим и Скопје, рече тој.

Гаултиери  најави саем кој ќе биде посветен на темата – луѓето и териториите, односно како таа врска се менувала низ времето.

-Се соочуваме со огромни последици – климатските промени, енергетската транзиција, иновација, дигитална револуција, вештачка интелигенција и потребата за посилна општествена кохезија, и сите овие нешта конкретно се случуваат во градовите. Па, градовите мора да се преосмислат и да станат лаборатории за овие нови идеи. Така нашиот саем ќе биде за оваа тема, но исто така тоа ќе биде и пример за како тоа да го реализираме. Ова ќе биде саем со нула емисии на јаглерод, целосно одржлив и цела енергија ќе ја добива од соларни панели, ќе биде саем многу поинтегриран со природата, со урбано пошумување, рече тој.

Гаултиери додаде и дека саемот ќе ги промовира заедничките европски вредности – граѓанските права, родовата еднаквост, слободата на изразувањето, почит за сите религии, кон малцинствата, почит за работничките права.

Кандидати за организација на ЕКСПО 2030 чие мото е „Луѓе и територии: обнова, вклученост и иновации“ покрај Рим се и Ријад од Саудиска Арабија и Бусан од Јужна Кореа.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот