„Градски паркинг“ од 10.163 паркинг-места лани инкасирал повеќе од 3,5 милиони евра

Фото: Слободен печат/Анета Стојковска

Во 2023 година од вкупно остварените приходи од речиси 258 милиони денари, нешто повеќе од 227 милиони денари се од јавните паркиралишта, кои на претпријатието му донеле за 13,59 отсто повеќе пари отколку во претходната година.

Јавното претпријатие „Градски паркинг“ и годинава продолжува да се „шири“ низ Скопје, односно да го регулира паркирањето на сѐ повеќе јавни површини низ општините. Според Инвестиционата програма за 2024 година, која иако е крај на април, сѐ уште не е усвоена од градските советници, а која претпријатието на терен веќе ја реализира, паркирањето ќе се наплатува во делови од Карпош, Аеродром, Гази Баба, Чаир, Кисела Вода и Сарај.

Имајќи предвид дека најголемите приходи „Градски паркинг“ ги остварува токму од наплата за паркирање, тоа значи дека може да се очекува дека и наредната година ова јавно претпријатие ќе биде едно од ретките што нема да биде во загуба.

Минатата година се отворени нови паркинг-места преку проширување на зонското паркирање на територија на Општина Карпош и на Аеродром. Почна со работа зона Д 42 кај „Мида“ и проширени се зоните Д1 и Д9 во Аеродром.

Годинава, пак, според програмата, се планира зонското да ги опфати населбите Карпош 1 и Карпош 2, каде што повеќе од еден месец функционира наплатата, но ќе се воведе и во Карпош 3 и Карпош 4, на просторот кај Млечен ресторан и Економија на територијата на општина Карпош. Во општина Аеродром зонско ќе има во Мичурин, Реонски Центар и во населбата Ново Лисиче, во Гази Баба во Автокоманда и во индустрискиот дел на општината, а регулирано, односно наплата на паркирање ќе има и во дел од општините Чаир, Кисела Вода и Сарај, но во Програмата за инвестиции не е прецизирано точно на кои локации.

Скопјани бараат катни гаражи: Џабе ќе се плаќа зонско кога нема доволно паркинг места

Во надлежност на „Градски паркинг“ во 2023 година биле 10.163 паркинг места, од кои 1.983 се на јавни паркиралишта со наплатна рампа, 7.130 на површините за зонско паркирање и 1.050 во двете катните гаражи со кои стопанисува, „Беко“ и „26 Јули“. Како што наведуваат од претпријатието, ова е за повеќе 586 паркинг-места во однос на претходната година.

Годинава бројот на паркинг-места ќе се зголеми значително, судејќи според тоа што само во Карпош 1 и Карпош 2 од неодамна под надлежност на претпријатието се 780 нови места за паркирање, а допрва ќе се шири зонското.

И разбирливо, најголема финансиска корист претпријатието има од наплата на паркирање. Во 2023 година од вкупно остварените приходи од речиси 258 милиони денари, нешто повеќе од 227 милиони денари се од јавните паркиралишта, кои на претпријатието му донеле за 13,59 отсто повеќе пари отколку во претходната година.

 Во рамките на Секторот јавни паркиралишта најголем пораст бележи приходот од затворени јавни паркиралишта, потоа следуваат приходите од зонско паркирање, па приходот од катната гаража „Беко“ и приходот од катната гаража „26 Јули“ – се вели во Годишната сметка на „Градски паркинг“ за 2023 година.

Зонското ќе се шири во Ново Лисиче и во Реонски Центар: Од Општината тврдат дека 75 отсто од жителите биле – за!

Според остварените приходи по јавните паркиралишта, втор е Секторот Пајак, па така, како што е наведено, од подигнување возила „пајакот“ заработил 27,8 милиони денари.

Во споредба со минатата година кога јавното претпријатие заклучно со септември 2022 година имаше незадоволителен број налози издадени од МВР, па оттука и приходите од овој сектор беа на исклучително ниско ниво, состојбата се промени кон крајот на четвртиот квартал во 2022 година кога се интензивира соработката со МВР, која продолжи и во текот на 2023 година – посочуваат од „Градски паркинг“

Минатата година претпријатието остварило вкупни приходи од 257.855.203 денари, расходите изнесувале 247.298.133 денари, а остварената добивка по оданочување била 9.362.467 денари.

Во однос на расходите, најголем дел од парите се потрошени за плати, повеќе од 154 милиони денари, а потоа следуваат трошоци за услуги, за суровини и материјали, за амортизација и друго.

Трошоците за плати во 2023 година биле зголемени за повеќе од 16,7 милиони денари во однос на претходната година. Како што наведуваат од претпријатието во годишната сметка, трошокот за плата варира од повеќе причини – поради вработувања, пензионирање на вработени, користење боледувања, неплатено отсуство, прекувремена работа, работа на празник, платено отсуство, отказ и слично.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот