Скопјани бараат катни гаражи: Џабе ќе се плаќа зонско кога нема доволно паркинг места

Паркинг/Слободан Печат/Слободан Ѓуриќ

Граѓаните сметаат дека ништо нема да се постигне ако се исцртаат паркинг-места и се наплаќа за паркирање без да се согледаат вистинските потреби на жителите.

Градските и локалните власти со воведување зонско паркирање се обидуваат да го намалат проблемот со недостиг на паркинг-места во главниот град. Граѓаните, пак, кои живеат во населбите каде што зонското веќе е воведено, тврдат дека со него ништо не се решава па жителите и натаму вртат кругови низ населбите во потрага по слободно место каде ќе го остават возилото за да си одат дома.

Тие бараат од локалните власти изградба на катни гаражи и нови паркинг-простори, но и тргање од јавниот простор на сите хаварисани возила, кои со години се оставени и зафаќаат места потребни за паркирање. Граѓаните сметаат дека ништо нема да се постигне ако се исцртаат паркинг-места и се наплаќа за паркирање без да се согледаат вистинските потреби на жителите.

Фото: Слободен печат/Анета Стојковска

Потврда дека не се прави процена колку возила поседуваат граѓаните и колку места ќе се обезбедат со зонското паркирање, пристигна и од Општина Карпош, од каде што најавија дека почнува воведување зонско во населбите Карпош 1 и 2, каде што со години се бара паркинг-место повеќе. Но, сигурни се дека зонското сепак ќе ја подобри постојната состојба.

 Ние како општина немаме процена колку возила поседуваат граѓаните во овие населби, но сметаме дека воведувањето на зонското паркирање значително ќе ја подобри состојбата во овие делови на Карпош имајќи предвид дека граѓани што работат во Центар, секојдневно ги користат паркиралиштата во овие населби. Исто така, со воведувањето на зонското паркирање, нема да може повеќе да се злоупотребуваат улиците за паркирање на рентакар возила, половни возила што се на продажба, а ќе се реши проблемот и со хаварисаните возила – одговорија од Општината.

Сепак и тие сметаат дека зонското е само привремено решение, а вистинското решение би било изградба на ветените монтажни гаражи, за што е потребно да постојат важечки ДУП-ови во овие населени места, кои во моментот ги нема.

Зонското во Карпош ќе ги преполови местата за паркирање и ништо нема да реши, стравуваат граѓаните

Зонско паркирање се планира да се воведе и во населбите Ново Лисиче и Реонски центар, откако веќе во поголемиот дел од општина Аеродром на овој начин се регулира паркирањето. Општината информира дека за таа цел се спроведува кампања за информирање на граѓаните за бенефитите од зонското паркирање, а паралелно и теренска анкета преку која граѓаните имаат можност да го искажат својот став за предлог-иницијативата за регулирање на паркирањето во овој дел од општината.

Од стотиците коментари на Фејсбук под ваквата информативна објава од Општина Аеродром, се гледа дека аеродромци не веруваат многу дека намерите на локалната власт ќе имаат некој ефект. Напротив, речиси сите се против зонско паркирање. Дел од нив укажуваат дека во Ново Лисиче воопшто не е потребно зонско паркирање туку проширување на постојните или изградба на нови паркинзи, затоа што во овој дел се паркираат само станари.

Против! Проблемот со паркингот во Ново Лисиче е исклучиво од возила на жителите. Зонско паркирање воопшто нема да го реши. Ни требаат повеќе паркинг-места, а не наплата на постојните. Во Аеродром има трговски центри, пазар, ресторани, кафулиња. Во Ново Лисиче нема ништо. Паркингот го користат само станарите и најголемиот проблем е по 17 часот кога сите се враќаат од работа. Преку ден паркинзите се празни – коментира Андријана од Ново Лисиче.

Според неа, ако некој вистински сака да се ангажира за решавање на проблемот, прво треба да направи анализа на состојбата, колку паркинг-места има во моментов, а колку возила, и оттаму да се тргне понатаму со план и решенија.

Паркинг/Слободан Печат/Слободан Ѓуриќ

 Јас живеам во Ново Лисиче и мислам дека е време да престанете да продавате магла во едно исто пакување. Зонско паркирање? Проблем со паркирањето е по 20 часот, преку ден има паркинг секогаш. Значи, ако јас во 22 часот не можам да најдам паркинг, на кого да се обратам (да остави број од телефон тој што ветува дека ќе се реши проблемот), па нека го реши проблемот. Зашто го затворите паркингот кај паркот Авионче. Доста веќе измислување топла вода, оставете ги луѓето да функционираат, не создавајте им нови проблеми. А тие што сакате да ги вработите на паркинг, нека побараат работа во индустрија и така таму фалат работници – реагира Владо, жител на населбата.

Жителите на Ново Лисиче и Реонски центар се анкетираат дали се за зонско паркирање

Но, од Аеродром тврдат дека ова е на барање на граѓаните и ќе стави крај на постојните проблеми.

На барање на граѓаните од овој дел од Аеродром и преку транспарента постапка и со вклученост на јавноста, по завршување на анкетата очекуваме да почне реализацијата на проектот со кој конечно ќе се регулира паркирањето во овој дел од општината, чекор што ќе овозможи нови паркинг-места, бесплатно и сигурно паркирање за станарите и со тоа ќе се стави крај на проблемите со недостаток на паркинг-места и узурпирање на паркингот од стари и хаварисани возила – велат од Општина Аеродром.

Во Општина Центар речиси секаде има зонско, но и цели улици низ населбите се наменети за паркирање само за жителите и тука не може да паркира ниту со плаќање некој што не живее таму. На прашањето според кој закон јавен простор што е наменет за користење на сите граѓани е „затворен“ само за резиденти, до денеска нема одговор од Општината.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот