Градоначалникот на Будимпешта на распит за организирање на Парадата на гордоста
Градоначалникот на Будимпешта, Гергељ Карачони, денеска беше испрашуван во Националното истражно биро за организирањето на 30-тата Парада на гордоста во унгарската престолнина во јуни и покрај официјалната забрана за одржување на настанот од унгарската влада, пишува Н1 телевизија.
Препорачано
„За време на Парадата во Будимпешта, бевме многубројни, за да му покажеме на целиот свет дека ниту слободата ниту љубовта не можат да бидат забранети во Будимпешта. И ако не можат да бидат забранети, не можат ни да бидат казнети“, им рече градоначалникот на неколку стотици поддржувачи кои се собраа за да ја изразат својата солидарност.
Доколку биде обвинет, градоначалникот ризикува да добие до една година затвор за организирање на забранет собир.
Според организаторите, повеќе од 200.000 луѓе учествуваа на Парадата на гордоста кон крајот на јуни, на која се осуди долгогодишното репресирање на ЛГБТК правата од страна на националистичкиот премиер Виктор Орбан во име на „заштита на децата“.
Пред маршот, Орбан ги предупреди организаторите и учесниците за „правните последици“.
Националното биро за истраги, кое е одговорно за истражување на сериозни и сложени кривични дела, потоа отвори истрага „против непознат сторител“ за организирање на забранетиот собир.
Но, полицијата минатата недела објави дека нема да преземе мерки против учесниците, кои можеа да бидат казнети со парична казна до 500 евра.


