Фото: Ридван Ибраими/Фејсбук

Градоначалникот на Арачиново во два наврати пријавувал лица кои му се заканувале

Вчера во Арачиново беше пукано од калашников кон градоначалникот на Арачиново, Ридван Ибраими додека вршел увид на градежни работи.

Во размената на огнот градоначалникот Ибраими останал неповреден, додека со повреди се здобиле синот на возачот на градоначалникот и 39-годишниот Е.С., кој бил ранет во градниот кош.

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје извршил увид на лице место и издал наредби за прибирање траги и вршење соодветни вештачења.

Причината засега е нејасна но се претпоставува дека станува збор за претходен спор за земјиште. Пред десетина месеци градоначалникот на Арачиново Ридван Ибраими пријавил дека соселанец му се заканувал по животот, по што полицијата уапси 69-годишен арачиновец кој ги упатил заканите.

По заканите за живот што ги доби Ибраими, општина Арачиново во мај месец стави „клуч на врата“ и општинската администрација и градоначалникот Ридван Ибраими не работеа поради безбедносни причини.

Ибраими и пред два месеци добил закани по својот живот. Тој пријавил дека две лица во повеќе наврати телефонски му се заканувале, а откако ги пријавил, преку Вибер продолжиле заканите.

Двајца браќа на Вибер му се заканувале на градоначалникот на Арачиново Ридван Ибраими дека ќе го убијат

Ридван Ибраими кој е кадар на Демократска унија за интеграции ја извршува градоначалничката функција од октомври 2021 година откако на локалните избори доби повеќе гласови подобар од неговата противкандидатка и тогашна актуелна градоначалничка Миликије Халими која беше поддржана од СДСМ.

Ибраими е роден во 1984 година во Скопје, своето образование го завршил во Скопје а дипломирал и завршил постдипломски студии на Универзитетот во Тетово.

Од 2010 е на раководна функција во Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас а од 2012 година ја извршувал функција директор на Универзитетската клиника за детски болести во Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот