Град Скопје ја враќа таксата од пред ковидот, за летни тераси ќе се плаќа 15 денари дневно за квадрат
Сопствениците на угостителските објекти, кои се наоѓаат на улиците што се во надлежност на Град Скопје, во иднина за користење простор пред деловните објекти ќе плаќаат 15 денари за метар квадратен на ден, наместо 5 денари како досега.
Препорачано
За предлог-одлуката за изменување на одлуката за висина на комуналните такси во Град Скопје, со која се предлагаат измени само во делот на летните тераси, треба да се изјаснат советниците на седницата на Советот која ќе се одржи в четврток.
Од Град Скопје во образложението на предлогот велат дека всушност со измените се врши враќање на износот што важеше пред состојбата со корона вирусот кога комуналната такса изнесуваше 15 денари.
Исто така, враќањето на тарифниот број 3 се бара со цел еднаков третман на субјектите кои имаат потреба од поставување на урбана опрема со користење на јавна површина. Ова од причина што комуналната такса на улиците што се под надлежност на општините во Град Скопје останаа непроменети, односно за градски улици се пресметува 5 денари на м2 додека за општинските во зависност во која општина припаѓа од 8 до 15 денари на м2, цени кои се дефинирани со одлуки на советите на општините – посочуваат од Градот.


