Готов е обдукцискиот наод за бебето на ГАК, директорката го викнала таткото во канцеларија да му го презентираат педијатрите
Директорката на Клиниката за гинекологија д-р Ирена Алексиоска Папестиев денеска му се јавила на таткото на починатото новороденче Јасир Иљази, да го информира дека обдукцискиот наод за неговото починато бебе е готов и дека педијатри ќе му го презентираат на Клиниката, со напомена дека началничката не била на работа.
Препорачано
Началничката инаку, е д-р Елизабета Петковска – истата докторка која во внатрешна пријава до директорката на ГАК уште пред 2 месеци посочила за својата колешка д-р Емилија Бадева дека „на дежурство сторила тежок професионален прекршок“ односно како што е наведено во пријавата „несоодветно лекување и предизвикување на компликации што довеле до смрт на машко касно прематурно новороденче“.
Подоцна случајот го разгледала внатрешната комисија за квалитет на Клиниката и констатирала дека бебето било реинтубирано дури 20 минути.
Обдукцискиот протокол што е готов, уште не е стасан во рацете на Обвинителството а родителите ќе го видат попладнево, изјави Илјази за „Слободен печат“.
-Основното јавно обвинителство Скопје во координација со СВР Скопје оформи предмет по допрен глас и веднаш издаде наредби за испитување на настанот. Со наредбите Министерството за внатрешни работи е задолжено да го обезбеди обдукцискиот протокол и целокупната релевантна документација во врска со конкеретниот настан, да изврши службени разговори со повеќе лица, да испита дали и каде бил пријавен настанот, како и да ги преземе сите други дејствија неопходни да се утврди дали постојат елементи на кривично дело. По наредбите се постапува, велат од ОЈО Скопје за „Слободен печат“.
Во меѓувреме на прес-конференција министерот за здравство Азир Алиу го прашавме зошто докторите од Државниот здравствен и санитарен инспекторат кога влегоа на ГАК да ја разгледуваат документацијата за починатото бебе, воопшто предвид не ја зедоа внатрешната пријава на началничката во која се наведува наводниот тежок професионален пропуст со долготрајна интубација на бебето при што му било распарчено грлото, пријава што подоцна била разгледувана дури и од Комисијата за квалитет во болницата и резултирала со тоа докторката што била пријавена да биде преместена на друг оддел каде не се вршат интубации.
-Реално знаете дека не бев тука. Документот ми е во канцеларија, не успеав да го прочитам што има внатре. Знам дека во комуникација со директорот, случајот од наша гледна точка е чист така да тие ми се информациите. Ќе проверам што има внатре и што е анализирано, рече Алиу.
На нашето прашање дали ја прашал директорката на ГАК зошто 2 месеци таа не повела дисциплинска постапка за докторката, кога добила таква сериозна пријава од нејзината началничка на интензивна нега Алиу рече:
-Знаете, ние сме сепак институции. Првично во центарот на еко-системот на здравството е пациентот но исто така главна алка се и здравствените работници. Затоа, ние не сакаме од здравството да правиме сензација и сакаме институционално да ги следиме сите процедури и од клиничка и од административна гледна точка. Би ве замолил и вас како медиуми и ние како дел од здравствениот систем и имплементатори на протоколите на здравство да бидеме претпазливи, да ги следиме сите протоколи дали се тие клинички или административни – ќе мора да ги следиме. Затоа процедурите се почнати таму, при крај сме со извештаите. Од инспекторатот имаме, од комисијата ќе видиме каков тип на извештај ќе добиеме. Ќе видиме од патологија каков обдукциски наод ќе добиеме и ќе бидете информирани соодветно. Се работи за човечки судбини, така што ќе ве замолам да креираме сите заедно здравствен систем затоа што секој од нас е потенцијален пациент и треба да верува и во докторите и во здравствените институции. На крајот на денот треба да веруваме и во административните процедури кои се стриктно дефинирани според протокол, рече министерот Алиу.
Инаку, како што веќе објави „Слободен печат“, две специјализантки веќе дале изјава до директорката на ГАК пред 2 месеци дека реинтубацијата на бебето траела 20 минути што е предолг период. Но, овие изјави заедно со пријавата на началничката д-р Елизабета Петковска не биле проследени ни до Министерството за здравство ниту семејството било информирано дека смртниот случај на нивното бебе е предмет на внатрешна пријава.


