Господ в црква, а не во политиката — мнозинството Британци сака јасна дистанца меѓу верата и власта

Иако христијанството се доживува како дел од историјата и идентитетот на Велика Британија, граѓаните не поддржуваат негово поголемо влијание врз современата политика, покажува ново истражување.

Мнозинството британски гласачи смета дека религијата треба да биде одвоена од политиката, и покрај тоа што дебатите за улогата на христијанството сè повеќе се засилуваат меѓу водечките политички фигури во Вестминстер, пренесе Политико.

Според анкетата спроведена за „Политико“ од лондонската истражувачка компанија „Паблик Фрст“, дури 65 проценти од испитаниците поддржуваат јасна поделба меѓу христијанството и политиката. Овој став го дели мнозинство гласачи од сите поголеми партии.

Резултатите доаѓаат во време кога политичките конкуренти на премиерот Кир Стармер сè почесто ја отвораат темата за религијата во јавниот дискурс.

Конкретни мерки

Лидерот на „Реформа на Обединетото Кралство“, Најџел Фараж, во повеќе наврати истакна дека сака да ја „негува“ јудео-христијанската култура на Британија.

Портпаролот за внатрешни работи на партијата Зиа Јусуф, пак, порача дека ќе го „заштити христијанското наследство“ и дека христијанството е „во ДНК-та на земјата“.

Партијата ветува и конкретни мерки – меѓу нив, доделување статус на заштитени објекти на црквите, со што би се спречила нивна пренамена во верски објекти на други религии.

Анкетата покажува дека јавноста навистина го препознава христијанството како дел од британската историја. На тврдењето дека Британија е изградена врз јудео-христијански вредности, 40 проценти од испитаниците се согласуваат, додека 22 проценти не се согласуваат. Поддршката е уште поизразена кога оваа теза не е директно поврзана со Фараж.

Сепак, само 23 проценти од анкетираните сметаат дека христијанството треба да има поголема улога во политиката. Дури и кај поддржувачите на Фараж, таа бројка достигнува 28 проценти.

Свесни за ризиците

Според Даниел Кругер, член на Парламентот во Велика Британија, партијата е свесна за ризикот од претерана употреба на религиска реторика.

– Јавноста има голема недоверба кон моќта и нејзината злоупотреба, па затоа е отпорна на морализирање од страна на политичарите – изјави тој, додавајќи дека граѓаните сепак очекуваат политиките да ја одразуваат традиционалната култура.

Од друга страна, дел од левицата оди во спротивна насока.

Во „Зелената партија“ се разгледуваат идеи за целосно раздвојување на црквата и државата, вклучително и укинување на статусот на Англиканската црква како официјална црква. Тоа би значело премиерот да нема улога во изборот на архиепископот од Кентербери, а бискупите да бидат отстранети од Домот на лордовите.

Иако ваквите предлози се дел од внатрепартиска дебата и не се дел од официјалната програма, анкетата покажува дека јавната поддршка за вакви чекори е ограничена. Само 21 процент од испитаниците сакаат укинување на статусот на Англиканската црква, додека 40 проценти се против.

Околу 32 проценти поддржуваат отстранување на бискупите од Домот на лордовите, а 39 проценти сметаат дека премиерот не треба да има улога во именувањето на црковни лидери.

Во исто време, поддршката за улогата на црквата во државните церемонии, како крунисувања и одбележувања на Денот на сеќавањето, останува висока – само 19 проценти од испитаниците сметаат дека христијанството треба да има помала улога во тие настани.

Анкетата е спроведена онлајн, на примерок од 2.012 возрасни лица, во периодот од 30 март до 1 април.

Пентагон подготвувал мерки против „непослушни“ сојузници во НАТО, на удар Шпанија и Велика Британија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот