Гордост, вистина и слобода (75 години од победата над фашизмот)

Фото: Архива

Комунистите беа оние кои, несфатливо храбро, влетаа во антиокупаторската и антифашистичка борба, ги дадоа своите животи за да имаат држава денешниве десничарски глупаци, за да имаат свои македонски институции, образование, култура, јазик, политичка слобода, покрив над главата, фабрики, училишта и друга инфраструктура.

Минатото живее додека трае во сеќавањето на живите. Минатите настани изразени преку звук, боја, текст и волумен се дел од животот. Па, дури, и самиот живот. Особено кога се однесува на оние преломни години на националноослободителна борба вербата на правдољубивите македонски синови во победата на правдата, братството и социјалната еднаквост им даде сила неможното да го направат можно, да јуришаат и да ги поразат силите на мракот, силите на фашизмот, силите на домашните мизерни одроденици и петоколонаши.

Во тие мрачни години македонските првоборци, предводени од комунистите, го запалиле огнот на слободата кој во наредните четири години ги спржи силите на злото. Затоа, не случајно, кај нас еден долг период зборот „комунизам“ беше синоним за „слобода“, а „комунист“ синоним за „слободен човек“. И затоа, не случајно, очите на светот, тогаш, во Македонија, како и насекаде каде се гинеше во борбата против злото, го видоа распламтен огнот на слободата.

Антимакедонско лудило

Добро е да се знае и памети: само малкумина се одважија на антиокупаторски и антифашистички храбар од. Повеќето талкаа низ мракот во погрешна насока и молчеа пред злото. И, истовремено, додека некои страдаа, гладуваа, премрзнуваа и се бореа за македонските интереси, за социјална и национална правда, од нашите десничарски пијани биртии одекнуваа национал-шовинистичките песни на врховистичко-бугароманските одроденици и албанско-балистичките предавници, а рацете на сите овие фашистички силеџии и љубители на Хитлеровиот „нов светски поредок“ беа целите крвави од колењето на македонољупците, слободољупците и правдољупците.

Се изнаслушавме последниве години многу клетви, пцости, зборови на потценување, омраза, презир, етикетирања, навреди и закани со кои се урива интегритетот и достоинството на луѓето кои „гинеле и умирале без глас“ (Вапцаров) за слободата и државата македонска. „Комуњарите“, пејоративен јазичен израз кој влечи паралела и ги изедначува денешни левичари со некогашните комунисти, станаа главниот замислен противник и непријател во идеолошкото, антимакедонско и антикомунистичко, лудило.

А, токму комунистите беа оние кои, несфатливо храбро, влетаа во антиокупаторската и антифашистичка борба, во онаа националноослободителна војна во која, голем дел од нив, ги дадоа своите животи, за да имаат држава денешниве десничарски глупаци, за да имаат свои македонски институции, образование, култура, јазик, политичка слобода, кров над главата, фабрики, училишта и останата инфраструктура. Може да се заклучи дека денешнава фашизоидна глупост е безгранична, оти, очигледно, денешниве оѕверени „патриоти“ поим немаат ниту што значеше комунистичкото движење во светот, ниту што значеше за Македонија.

Ако знаеја, ако глупоста не им ја имаше расквасено мозочната маса и претворено во пивтија, ќе разбереа дека попусти им се збороклетието и погрдната употреба на зборот „комуњари“, оти во тој израз се врамени најважните и најдоблесните, не само македонските национални, туку и цивилизациски и хуманистички вредности.

Вистината за оваа земја македонска е испишана со крвта и коските на македонските партизани! Токму тие покажаа дека оваа земја е можеби географски и демографски мала, ама со големо срце. Не е Америка или Русија, но преку своите партизански херои се извишува до ѕвездите.

Слободољубива земја

Оваа Македонија е слободољубива земја каде што се случуваат алхемичарски чуда во кои остриот камен натопен со потта и крвта на нејзините антифашистички борци се претвора во злато, во злато на слободната мисла и живот и економската рамноправност.

Гордост, вистина и слобода – тоа е македонското сеќавање за Националноослободителната и антифашистичка војна пред седумдесет и пет години. Тука, во Македонија, и плодородната црница, и златножолтиот тутун, и бигорот, и реките и птиците…, ја пренесуваат пораката за борбата и храброста на македонските антифашисти. Македонија ги меморирала и не смее да ги заборави Дабница и Ваташа, Беличица и холокаустот, плачот и илјадниците лелеци на македонските мајки, жени и деца за своите најблиски по фашистичките казамати. Ги памети и песните партизански и маршевите февруарски…

Македонија мора да памети, оти и државноста македонска, е донесена преку крвта антифашистичка и втемелена врз епопејата на бестрашната борба. Едноставно кажано, memento mori партизанска – за Македонија е нужност од која ѝ зависи опстанокот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот