Горчливиот вкус на црешите

Тажна е судбината на господин Бадии.

Средовечниот Иранец талка низ Техеран, барајќи некој што би завршил една работа за него, за која нуди богата награда. Господин Бадии сака да си го одземе од Бога дадениот живот. Не кажува зошто. Својот гроб веќе самиот си го ископал. Во пустелија, под осамена цреша. Сѐ што сака е да најде човек што ќе дојде в зори кај црешата, ќе го извика неговото име двапати за да провери дали е мртов, и ќе фрли неколку лопати земја врз неговото тело.

Цреши цветаа на Горки. Јапонски, благословени наместо плод да раѓаат убавина. Го носат името јапонски, зашто таму далеку, каде што изгрева Сонцето, цутовите „сакура“ се синоним на божествена убавина. Адетот „ханами“ – пиење саке под цутови на цреша – пред векови бил привилегија само во царскиот дом. Шогунот Токугава засадил полиња со цреши за да ги охрабри сите луѓе да им се восхитуваат на божествените дрвја. Јапонците ги слават цутовите како метафора на минливоста на животот. Црешите цутат интензивно, но имаат краток животен век, обично до 20 години.

***

Тажна е судбината на мојот град.

Како да талкаме сите ние во него како живи покојници, цврсто решени да се убиеме. Ни самите не знаеме зошто.

Цреши цутеа и на Горки, за да го разбијат сивилото на мојот град со своите симболи на минливоста на убавината на животот. Го поминаа својот век, а не видов некој да им се восхитува на расцутените крошни. За таква убавина тука нема ни интерес ни време. Свенаа и црвјосаа пред нашите очи без да ги погледнеме. Велат, веќе биле болни. Како и не би биле, кога сме ги полевале со отрови. Така велат градските власти: „Во овој контекст минатата година Општина Центар апелираше до компаниите на оваа улица кога ги чистат објектите да не истураат вода со хемикалии во дрвјата…“. Цистерната со отрови паркирана во ОХИС, ѓубрето и маглите, ги убиваат сите причини да не поверувам дека сме единственото место во светот во кое цреши се залеваат со хемикалии.

А, како да ни е тоа малку, па долеавме уште кофи и кофи политички отрови – која партија ги исекла, а која ги засадила, која се грижела повеќе, а која помалку… Ние, не партиите, сите ние ги убивме црешите на Горки. Со тоа што не им се радувавме кога цутеа, со тоа што ги храневме со отрови. А потоа, бараме жртва на која ќе ја префрлиме одговорноста дека ги убил. Не се само црешите. Со години наназад, си го копаме гробот и бараме жртва што ќе ни фрли некоја лопата земја врз главата.

***

Ага Бадии ја наоѓа својата жртва – мустаќест таксидермист, кому понудените пари како награда би му помогнале да го лекува болниот син. И тој како млад, во време на низа лични проблеми и трагедии, решил да се обеси. Со јаже се качил на црница, но пред да посегне по својот живот, посегнал по плод, се облажил и се поколебал. Без намера да го прекрши цврстото ветување, мустаќестиот Азар му порачува на Бадии: „Гледај ги годишните времиња, секое дава плод. На лето има плодови, наесен исто така. Зимата носи различни плодови и пролетта исто така. Ниту една мајка не може да го наполни фрижидерот со толку различни плодови за своите деца. Нема мајка што може да направи толку многу за своите деца како што Господ прави за Неговите чеда. Ти сакаш да се откажеш од сето тоа? Ти сакаш да го отфрлиш сето тоа? Ти сакаш да се откажеш од вкусот на црешите?“.

Иранскиот режисер Хосам Киорасатами не ни ја открива судбината на својот јунак од филмот „Вкусот на црешите“. Којзнае каква ќе биде и нашата. На Горки се засадени нови дрвја. На нас е дали повторно ќе се откажеме од вкусот на црешите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот