Голем интерес за ретроспективната изложба на Тања Балаќ во Чифте амам

Централен ликовен настан минатата седмица во Скопје беше отворањето на ретроспективната изложба на слики, објекти, инсталации, видеоарт и експериментални филмови на македонската уметница Тања Балаќ.

Изложбата се организира по повод 30 години нејзино творештво, беше отворена на 31 август во објектот Чифте амам при Националната галерија, а на отворањето се обратија Дита Старова Ќерими, директорка на Националната галерија, историчарите на уметност и ликовни критичари, Натали Р. Павлеска и Кирил Пенушлиски, како и Тања Балаќ.

Тања Балаќ (р. 1968 година, Скопје), во 1991 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на одделот за сликарство. Трасирајќи го својот уметнички и професионален пат низ годините, во 2008 година, магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на одделот за сликарство. Членка е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) од 1996 година, а во периодот од 2006-2013 година и негова претседателка.

Меѓу многубројните професионални посети надвор од границите на Македонија, остварува студиската посета во Париз во 2003 година. Своето професионално и уметничко искуство постојано го збогатува со работни и студиски посети во странство, учество на меѓународни фестивали и изложби, за кои има добиено повеќе награди и признанија. Покрај сликарството, во последната декада истражува и на полето на нови медиуми, вклучувајќи инсталација, експериментален филм и видео уметност.

Истовремено со отворањето на изложбата беше промовирана и монографијата „Тања Балаќ – 30 години – Артворкс“.

(Текстот и фотографиите се објавени во „Културен печат“ број 95, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5 септември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот