Голем интерес за ангажирање на ИТ кадрите во Битола

Фото: Васка М. Младеновска

Денеска на Факултетот за информатички и комуникациски технологии во Битола за првпат се одржа Саем на кариера за вработување на студентите.

На Саемот зедоа учество над дваесет ИТ и други компании што работат во Македонија.

Целта на Саемот на кариера е да се зацврсти соработката меѓу трите важни столба: академскиот кадар, бизнис секторот на коишто им се потребни професионалци и студентите.

-Професорскиот кадар заедно со компаниите работат на нови проекти и иновативни идеи што ни ги предлагаат од ИТ компаниите. Компаниите од ИТ секторот имаат голем интерес за дипломираните инженери од информациските, компјутерските науки, така што нашите студенти уште пред да дипломираат многу лесно наоѓаат вработување. Најголем број од дипломираните студенти работат за домашните компании, но и за странските кои им овозможуваат да работат од дома, и затоа голем дел се останати во Битола. Нашиот факултет во голем дел придонесува младите да останат во Битола-вели д-р Благој Ристевски декан на Факултетот за информатички и комуникациски технологии во Битола

На студентите ваквите Саеми на кариера им ги отвораат можностите и одблиску им се покажува дека тие имаат перспектива и во нашата држава.

-И во Битола има голем број компании со странски капитал и даваат високи плати како компаниите во странство. Ваквите саеми ни покажуваат дека перспектива постои и во нашата држава-вели Софи Гајтановска студентка на ФИКТ.

Компаниите секогаш имаат потреба од добри инженери, посебно информатичари, но, имаат и потреба од пософистицирани знаења.

-Факултетот би требало дел од студиските програми да ги насочи за потребите на Комбинатот РЕК „Битола“. Имаме потреба од вакви инженери и во рудникот и во термоелектраните и во системи коишто автоматски работат и се управуваат, наместо да правиме договори со фирми од страна на таквите наши потреби најдобро е да имаме свој кадар-изјави Драган Видановски директор на рудници во РЕК „Битола“.

Факултетот за информатички и комуникациски технологии во Битола денеска ќе потпише Меморандуми за соработка со компаниите учеснички на Саемот на кариера, бидејќи од заеднички интерес е студентите да изведуваат практична настава.

Во ФИКТ воведуваат иновативни предмети и ги следат трендовите, со цел студентите да бидат поконкурентни не само на домашниот пазар, туку и во странство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот