Гоџо: Судот во Стразбур многу ретко разгледува случаи поврзани со помилувања

Адвокатот Александар Гоџо, кој има работено на десетици предмети во судот во Стразбур, во емисијата „24 отворено“ вечерва рече дека Европскиот суд за човекови права, според неговите податоци, дебатирал за помилувања во само осум случаи.
Судот во Стразбур на 16-ти месецов треба да ја соопшти одлуката околу неуспешните помилувања кои ги изрече поранешниот претседател на Македонија Ѓорге Иванов за обвинетите во четири случаи на поранешното СЈО, меѓу кои и оној за масовното прислушување на граѓаните, кои беа обелоденети во т.н. „бомби“ со снимени прислушувани разговори.
„(Судот) не секогаш директно се обраќал на конкретните случаи, тоа го прави само во еден случај, Лекса против Словачка и овој предмет нема да биде лесен за судот. Тој ќе го земе поширокиот контекст на самиот феномен на помилување кој е познат од минатото. Спорно во овој случај е дали тие помилувања се отповикани со времето и создаваат проблем околу концептот на правната сигурност“, вели адвокатот Гоџо.
Жалбата до Стразбур за аболицијата на Иванов е поднесена во 2017 година, а во неа се посочува дека еднаш дадена аболиција не може да биде отповикана. Доколку на 16 февруари Судот во Стразбур одлучиво прилог на оваа теза, сите осудени ќе треба да бидат ослободени.