Годинава нема сончање и капење на државна сметка

Фото: Профимедиа

Од Министерството за економија за „Слободен печат“, велат дека со оглед на големиот интерес и на хотелиерите и на лицата со ниски примања, доставиле иницијатива до Владата со барање на средства за оваа намена

Годинава нема сончање и капење на државна сметка. Во 2020 и 2021 година, Владата им овозможи на лицата со ниски примања да може да минат барем една недела во некој од домашните туристички центри. Ваквата помош беше добредојдена и за хотелиерите. На пример во 2020 година, беа искористени над 60 илјади ваучери, а околу пет милиони евра им легнаа на сметките на домашните сместувачи.

Најпосакувани домашни дестинации за летување беа Охрид и Струга, па Дојран и Преспа, а една четвртина од ваучерите завршија во хотелите во Маврово, Попова Шапка, Берово и Пелистер. Од Министерството за економија за „Слободен печат“, информираат дека годинава во активностите на Секторот за туризам не е предвидено издавање на Ваучери за туризам.

Од ресорот, сепак не ја затвораат целосно „вратата“ за оваа акција и додаваат дека со оглед на големиот интерес и на хотелиерите и на лицата со ниски примања, тие доставиле иницијатива до Владата со барање на средства за оваа намена.

-Доколку добиеме позитивен одговор, Министерството за економија ќе изготви Програма на која ќе се предвидат услови за аплицирање и износ на ваучерите – велат од ова министерство.

Првата акција за поделба на туристички ваучери беше со Третиот економски пакет во 2020 година. Граѓаните добија можност за одмор со ваучер од 100 евра и помош од 50 евра за домашни производи. Со оваа мерка на Владата требаше да им се помогне на граѓаните со ниски приходи, но и да се зајакне домашниот туризам.

Ваучерите можеа да се искористат од 15 јули до 15 декември 2020-та. а беше предвидено дека ќе бидат опфатени околу 115.000 граѓани. Право на учество имаа сите категоризирани угостителски објекти за сместување кои се лиценцирани и се во туристичките центри во земјава, како и туристичките агенции со „А“ лиценца. И во јуни 2021 година, можеше да се аплицира за ваучери за годишен одмор за граѓани со ниски месечни примања односно за семејства кои не го надминуваат нето износот од 30.000 денари.

Ваучерите беа со вредност од 12.000 денари и можеа да се користат во категоризираните угостителските објекти за сместување лоцирани во туристичките центри кои претходно се пријавени во Министерство за економија. Ваучери имаше за 1.250 граѓани, а средствата се даваа по принципот „прв дојден, прв услужен“. Ваучерот можеше да се искористи најдоцна до 30 ноември 2021 година. Претставниците од туристичката бранша ја поздравија поделбата на ваучерите за кои оценија дека имале значајна улога во мотивирањето на растот кај домашните туристи.

Србија ќе подели уште 100 илјади туристички ваучери до јуни

Откако е поделена првата годинашна квота на туристички ваучери, се очекува наскоро да бидат поделени дополнителни 100.000 ваучери за летување во Србија, објави Вечерње новости. Туристичките ваучери ќе се подигнат до крајот на мај или во јуни, а граѓаните очекуваат нови чекови од 5.000 динари (2.500 денари) кои ќе можат да ги искористат за претстојната летна сезона.

Туристичките ваучери ќе можат да се користат најдоцна до 20 ноември годинава, а условите за нивно добивање се непроменети во однос на претходните години. Право на ваучери, имаат пензионери, невработени лица, корисници на додаток за помош и нега на друго лице, како и вработени со примања кои не надминуваат 70.000 динари месечно, пишува Нова економија. Во Србија моментално има 2.600 ресторани, хотели и апартмани кои прифаќаат ваучери.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот