ГАЛЕРИЈА: ГОБ „8 Септември“ доби ротирачка магнетна резонанца за снимање во стоечка положба

Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Градската општа болница „8 Септември“ од денеска е опремена со нови апарати за томографски магнетни резонанци и за преглед со ултразвук, што се донација од Амбасадата на Италија во Македонија. Се очекува дека со новите апарати  ќе се зголемат капацитетот на прегледи за 50 проценти, односно плус 15 пациенти дневно, што е голема предност за брза дијагностика на тешко болните пациенти.

– Имаме една магнетна резонанца каде секој ден се прегледуваат по 20 пациенти, а годишно поминуваат 7.000 пациенти и тоа е доста голема бројка за една здравствена установа. Со новите две резонанци ќе дојде до растоварување за 50 отсто. Ние ќе настојуваме да го намалиме бројот од 20 прегледи дневно, но како што се научени пациентите најмногу да доаѓаат во нашата здравствена установа, ќе ни се зголеми бројката на 8.000 пациенти. Кај нас чекањето е две недели, а доаѓат пациенти од целата држава. Овие две резонанци имаат можнсот за ротација, за снимање во стоечка положба и се од помош и за клаустрогфобичните пациенти на кои им е непријатно снимањето во затворена капсула. Ова е прва ваква резонанца од отворен вид во нашата држава – рече директорот на ГОБ „8 Септември“, Христијан Костов.

На отворањето на центарот денеска присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски, министерот за здравство Беким Сали, како и италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри.

На презентацијата беше објаснето дека овој апарат е наменет за сите мускулно скелетни апликации, со нов пристап на дијагностика на магнетна резонанца. Магнетот и пациентот можат да ротираат од нула до 90 степени, со што пациентот може да се постави во стоечка состојба при скенирањето.

Директорот Костов рече дека се посебно благодарни за оваа донација и за несебичната помош од италијанската амбасада.

– Апаратите се набавени во рамки на поголема набавка во вредност од 1,1 милион евра. Во тек е и обука на кадарот кои би требало да почнат со работа со пациенти. На почетокот се планираат по 15 пациенти дневно – информираше министерот за здравство Беким Сали.

Италијанскиот амбасадор Силвестри порача дека пријателството во кое Италија зазема водечка улога е сè со цел да ја придвижи Македонија кон европските стандарди.

– Во овој процес Италија сака да ја даде поддршката на конкретен начин со бројни иницијативи за соработка, од земјоделскиот сектор, до одбраната. Здравствениот сектор заслужува посебно внимание, бидејќи се соочува со тешки предизвици особено по пандемијата со Ковид-19 – додаде амбасадорот.

Премиерот Ковачевски истакна дека ниту во време на најголемите кризи, Владата не запира со вложувањето на квалитетни услуги за пациентите и подобри услови за работа на здравствените работници.

– ГОБ „8 Септември“ има исклучително важна улога во нашето здравство како најголема болничка установа и во најголемите кризи била секогаш тука прва да одговори и да се справи со предизвиците. Оваа болница презеде голем товар во време на коронавирусот и им честитам на персоналот – рече премиерот.

Тој додаде дека овие два апарати се само дел од серијата на вложувања за подобар и поефикасен здравствен систем за граѓаните.

Фото: Слободен печат – Драган Митрески
Фото: Слободен печат – Драган Митрески
Фото: Слободен печат – Драган Митрески
Фото: Слободен печат – Драган Митрески
Фото: Слободен печат – Драган Митрески
Фото: Слободен печат – Драган Митрески
Фото: Слободен печат – Драган Митрески
Фото: Слободен печат – Драган Митрески
Фото: Слободен печат – Драган Митрески

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот