Го продала дуќанот, а поради долгови на купувачот ѝ ја блокирале пензијата

Љиљана Спировска од Скопје продала дуќан во 2003 година, но потоа ѝ била блокирана сметката дури двапати, и тоа за долг за вода, за кој таа тврди дека е од купувачите на дуќанот.

– Првиот пат ми земаа 28.906 денари од сметка во 2009 година, а дуќанот го продадов уште во 2003 година. Јас знам дека ги плаќав сите сметки и затоа побарав на увид да ја видам тужбата од Водовод, но не ја добив. По 9 години, од пензијата ист извршител ми зеде 3.925 денари, а во овој дуќан сега, пак, имаше трет газда. Пак не добив ништо на увид, но ми рекоа да уплатам за тужба 1.159 денари. Го направив тоа, а веќе наредниот ден ме известија дека стигнало ново побарување по нов предмет. Јас веќе не знам ни за кого плаќам, ни за што ме тужат. Никаков увид немам – револтирано ни ја раскажа својата приказна Спировска.

Спировска и уште педесетина граѓани вчера дојдоа на протестот против извршителите што се одржа пред Министерството за правда. Секој од присутните во рацете држеше куп документи и секој сакаше да ни ја раскаже својата приказна.

Расема Мехмед тврди дека долг од 500 евра, ѝ станал 9.800 евра.

– Топлификација ми најде долг од 500 евра, а не сакаше да ми ги пребие двојно платените сметки. Откако се разведов со сопругот, излезе дека двојно сме плаќале исти сметки. Одев со денови да се расправам и да барам пребивање на долгот со натплатеното, но ништо од тоа. Затоа, пак, долгот од 500 евра ми се претвори во 9.800 евра – вели Мехмед.

Емина Контурси, пак, вчера дојде на протестот од Берово.

– Одамна го отплативме кредитот, но излезе дека имало некои неплатени банкарски трошоци од 8.000 денари, а за тој долг, на сопругот му ја блокираа пензијата и тоа за износ од 60.000 денари. Маж ми почина, а јас го наследувам долгот. Мојата приказна е страшна. Ние се задолживме за да ги донесеме телата на син ми и на моите родители од Турција, каде што загинаа. Оттогаш не сум способна ни да работам ни ништо… Сега уште и без пензијата на маж ми, не знам како ќе издржам – вели Контурси.

Претставничката на невладината организација „Стоп на извршителите“ Ана Глигорова ги повика граѓаните да ги достават своите приговори за предмети од извршители до Министерството за правда.

– Направени се многу злоупотреби од извршителите. Под злоупотреба подразбирам ненавремено известување, суми што не кореспондираат со основниот долг… Сите тие поплаки граѓаните може да ги напишат на лист и да ги поднесат до Министерството за правда, кое има ингеренции врз извршителите, тоа ги назначува и ги разрешува извршителите – рече Глигорова.

Случајот „Македонска банка“ застаре за Груевски, ама не и за граѓаните

Здружението „Стоп за извршителите“ бара извршителите да не можат да блокираат сметки, затоа што така луѓето целосно се оставаат без пари, наплатата да не трае подолго од две години, а да постои и застареност на долгот.

– Не може кривичното дело на Груевски за Македонска банка да застари, а да постојат долговите на граѓаните кон оваа банка што 12 години не постои – категорична е Ана Глигорова од Здружението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот