Гитаристот на славниот бенд „Ју ту“ стана ирски државјанин: „Живеам тука од дете“
Гитаристот на славниот бенд „Ју ту“, Дејвид Хауел Еванс, попознат како Еџ е роден во Есекс, Англија. Неговите родители се од Велс, но неговото семејство се преселило во Ирска кога имал само една година.
Препорачано
Сега, на Дејвид му беше доделено ирско државјанство на церемонија во Киларни, округ Кери. Околу 7.500 луѓе официјално ќе станат ирски државјани во текот на понеделник и вторник.
Тој го опиша ова како „неверојатно радосен настан и монументален ден“, носејќи ја својата препознатлива капа и значка со ирско знаме на реверот.
„Малку заостанувам со документацијата – живеам во Ирска од моја прва година. Не би можел да бидам погорд на мојата земја за сè што претставува и сè што прави. Таа покажува вистинско лидерство во светот во моментов и ова не можеше да дојде во подобро време за мене“, рекол тој.
Инаку, Дејвид е вклучен во бендот уште од неговото формирање во Даблин кон крајот на 1970-тите, освојувајќи бројни музички награди.
„Ју ту“ се познати и по својата политичка вмешаност. Тие јавно зборуваа со песните како „Sunday Bloody Sunday“ за пукањето на невооружени демонстранти во Лондондери од страна на британски војници во 1972 година, „New Year’s Day“ што се поврзуваше со полското движење „Солидарност“ и „Прајд (Во име на љубовта)“ во чест на Мартин Лутер Кинг. Групата, исто така, силно ги поддржуваше напорите за мир во Северна Ирска.


