Гир: Ја сакаме Северна Македонија во ЕУ, Унијата нема повторно да преговара за нова рамка 

Дејвид Гир - ЕУ амбасадор во РМ / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Евроамбасадорот Дејвид Гир вечерва изјави дека клучни работи за тоа кога земјата ќе се приклучи на ЕУ се партиите да се согласат дека ЕУ реформите се врвен приоритет, тие да се имплементираат и одлучност да се оди напред со вмрежување на сите институции.

За уставните измени, Гир рече дека текстот за предлозите се само дополнување на добрите внатрешни меѓуетнички односи и не се во спротивност со фундаменталниот интерес на државата. Предупреди дека Унијата нема повторно да преговара за нова рамка.

– Ќе има две работи кои ќе бидат клучни за тоа кога земјата ќе се приклучи на ЕУ. Ќе повторам како прво, политичките партии мора да се согласат дека ЕУ реформите се врвен приоритет и дека ќе ги стават пред сите други приоритети, дека ова треба да биде национален проект. Не мора да се прави коалиција, здраво е да се има влада и опозиција, но мора да се согласат дека ова е главен фокус. Така Хрватска напредуваше во тешките години на спроведување на агендата. И втората работа е повторно поврзана со она што го нареков „национален проект“, а тоа е таа амбиција и одлучност да се оди напред со реформите преку вмрежување на сите институции: Владата, Парламентот, судството, полицијата…се што имате. Ако така се постават работите датумот е достижен, но мора да се имлементираат реформите, кои граѓаните сами ги бараат, рече Гир во интервју на ТВ Сител.

Според евроамбасадорот Гир, говорот на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел во Блед е охрабрувачки, а никако студен туш. Тој оцени дека тоа беше говор кој се рефлектираше и во изјавите на Вархеји дадени подоцна, за итноста и потребата да се оди напред. За тоа дали е реален планот, евроамбасадорот вели дека агендата е амбициозна, но оти она што треба да се направи се суштински реформи кои ќе имаат свое влијание врз сите области, почнувајќи од владеењето на правото, корупцијата, економијата, животната средина, градење на вештините на работната сила за да може земјата кога ќе пристапи во ЕУ да има бенефити од тоа што е внатре, но и да може да преживее во конкретните услови во ЕУ.

Во однос на уставните измени, евроамабасадорот вели дека секој пратеник треба самиот да донесе одлука врз основа на својот став за тоа што е во интерес на државата и кој е најдобриот начин да се оди напред.

-Има жива дебата во врска со ова прашање и тоа е добро. Предлозите се специфицирани и врз нив треба да се фокусираме, тоа не се апстрактни идеи. Ние придонесуваме во таа дебата и јасно ни е дека се работи за суверена одлука на земјата, но сакаме да укажеме на неколку поенти за кои мислиме дека ќе помогнат во ситуацијава. Имаме текст за предлозите, кои се само дополнување на добрите внатрешни меѓуетнички односи и не се во спротивност со фундаменталниот интерес на државата. И како второ, да се вратам пак на говорот на Мишел од Блед, збор е за тоа дека во моментов живееме во вонредни времиња, тука е инвазијата на Русија врз Украина, неправедна и непровоцирана, која ја интензивираше потребата од проширување. Проширувањето не е веќе само напредок, туку и стабилност, безбедност и демократски вредности. Стратешки интерес е и за ЕУ и за земјите кандидатки брзо да се приклучат, врз основа на реформите. Ќе повторам за овие уставни промени секој пратеник или пратеничка ќе одлучи што ќе направи, но мислам дека треба да се има пред себе поголемата слика, да не се пропушти овој момент во политиката и меѓународните односи. Мислам дека оваа шанса треба да се зграпчи за да може одлучно да се тргне напред, вели Гир.

Прашан дали има разговори за да се исполнат некои од условите на опозицијата за да се дојде до уставни измени, евроамабасадорот потсети дека во Скопје биле повеќе министри и партнери кои разговарале со Владата и со опозицијата и дека им го објасниле поширокиот контекст и дале уверување дека македонскиот јазик е потврден и признат во преговарачката рамка, со потврден идентитет и култура, историја, дека не го губиме својот идентитет на патот кон ЕУ. Ние, потенцира тој, нема повторно да преговараме за договорот кој е направен во јули 2022.

-Ние стоиме зад тој договор, сакаме да биде имплементиран и уверуваме дека процесот на проширување ќе биде базиран на заслугите и нема да има загриженост за иднината на идентитетот, јазикот и културата и историјата на земјава, рече евроамбасадорот Гир.

За скандалот со онкологија евроамбасадорт посочи дека во моментот се врши истрага на полицијата и обвинителството и затоа не може да коментира за конкретниот предлог, но рече дека во текот на годините ЕУ инвестирала многу во засилување на капацитетите на полицијата, обвинителството и судиите.

-Капацитет значи постои за да се утврдат фактите и да се утврди одговорноста, дури и криминалната. Имаат алатки да го направат. Значи политиката и политичарите и бизнис интересите треба да ги тргнат рацете и да им дозволат на професионалците да си ја завршат работата. Секој граѓанин на државава има право да го очекува тоа, и ние како Еу го очекуваме тоа од една земја кандидат, рече Гир во интервјуто.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот