Гинеколог ѝ ја сошил матката со мочниот меур на пациентка во Велес: Досудена отштета од 15 илјади евра
Гинеколог од ЈЗУ Општа болница Велес кога породувал млада пациентка со царски рез, ѝ ја сошил матката со мочниот меур, поради што болницата за оваа лекарска грешка е задолжена од Апелациониот суд да ѝ исплати на родилката 15 илјади евра. Како што дознава „Слободен печат“ случајот во судските лавиринти се влечел 10 години, затоа што Обвинителството во Велес ја отфрлало нејзината кривична пријава и ја сметало за „работа што не се гони по службена должност“. Финално предметот оконча на крајот на 2024 година, кога досудената отштета е правосилно потврдена и родилката после повеќе од 10 години ја дочека правдата за хоророт што го преживеала.
Пациентката претрпела физички болки, страв, душевни болки, намалена животна активност и несигурност да забремени по вторпат поради траумите од првото породување.
Директорот на велешката болница Александар Бузалков за „Слободен печат“ вели дека гинекологот уште работи во јавната здравствена установа. Според Бузалков пресудата сигурно ќе има финансиска импликација врз буџетот на болницата, но судските одлуки мора да се почитуваат. Во моментот болницата располага со полиса за осигурување од лекарски грешки, но пред 10 години кога се случил настанот немале. Така што, исплатата ќе се прави од сопствените средства на јавната здравствена установа.
Ѝ се развикал на колешката кога му кажала дека жената крвари
Во отпусното писмо по царскиот рез на родилката, гинекологот и раководителот потпишале дека „оперативниот тек поминал уредно“ и „немало крвавење“. Но, вистината била поинаква. Жената имала крв во урината и била испишана дома со антибиотик.
Гинекологот пред обвинителството во Велес тврдел дека „кога ја оперирал пациентката ѝ го спасил животот, го запрел крвавењето и несакајќи ја зафатил бешиката, запирајќи го крвавењето од кое таа би починала“. На младата мајка ѝ била вадена згрутчена крв за да не се запуши катетерот, а со него си заминала и дома.
Вработена во велешката болница пак, пред обвинителот тврдела дека „по вадењето на бебето и шиењето на матката, забележала дека урината е крвава, го предупредила гинекологот за тоа, што значело дека можеби е повреден крвен сад, но докторот само ја погледнал и ништо не ѝ одговорил“. И другиот гинеколог што бил во салата му кажал на колегата дека е зафатен крвен сад на бешиката, а тој ѝ се развикал на забелешката.
Хорор години за жената и страв да роди второ дете, и покрај желбата
Породувањето со царски рез било извршено од доктор А.В. во велешката болница во 2014 година. По завршувањето на царскиот рез, родилката почнала да има крв во урината предизвикана од тоа што матката била зашиена на три места со конец за мочниот меур. Ова според вештачењето од Институтот за судска медицина претставува потешко оштетување на здравјето кое придонесува да има крв во урината или урина во матката на жената, што е извор на инфекции. Зашиениот дел меѓу матката и мочниот меур, заради малите димензии спонтано зараснал за месец дена, но тужителката се жалела на болки за време на менструалниот циклус.
Во пресудата од Апелација се наложува велешката болница да ѝ плати на родилката 400 илјади денари за претрпена душевна болка, 200 илјади денари за претрпен страв, зашто после царскиот рез, кога таа видела крв во урината и ги чувствувала интензивните болки во долниот дел од стомакот, мислела дека е болна од тешка болест. За претрпените физички болки досудена е отштета од 300 илјади денари, односно 15 илјади евра севкупен надоместок.
Кај тужителката сеуште постоел страв од втора бременост поврзан со искуството од првото породување заради што била под постојан притисок од желба за второ дете и самиот чин на раѓање предизвикан од негативното искуство од првата бременост, наведува судот додавајќи дека оваа компликација психички направила девојката да има чувство на помала вредност.
Години после царскиот рез, имала болки и крв во урината но и страв да направи операција
Три години после породувањето, родилката уште имала проблеми, болки и крв во урината, за кои ѝ била препорачана операција но не се осмелувала на таков чекор, затоа што тешко ги поднесува сите инванзивни испитувања и прегледи на кои била изложена.
Дури во 2018 година во приватна болница било утврдено дека уште има комуникација меѓу мочниот меур и цервиксот на матката. Била направена операција со која била затворена комуникацијата меѓу мочниот меур и цервиксот на матката. Впрочем, со хируршка интервенција се санирале последиците од компликациите настанати при царскиот рез.
Лузните на стомакот од оперативните зафати претставуваат естетска изменетост, но без елементи на нагрденост. Од друга страна пак тие придонеле кон настанување на кила на предниот зид на стомакот и потреба од уште една операција. Во однос на можноста за забременување кај тужителката со причина постоел страв од нова бременост. Лошото искуство од претходното пораѓање, исто така и потешкотиите што ги чувствувала 4 години потоа придонеле кај неа да постои страв и загриженост за исходот на евентуална нова бременост. Покрај тоа кај тужителката постоела душевна болка, патење, чувство на помала вредност затоа што се чуствувала неспособна да роди уште едно дете иако постоела заемна желба со брачниот партнер, се наведува во пресудата.
Болницата се бранела на начин што го оспорувала медицинското вештачење од Институтот за судска медицина, односно тврдела дека двајцата вештаци „не биле ни гинеколози ни психијатри“. Укажувале дека докторот ги презел сите протоколи за лекување и немал субјективна одговорност, а чиста била и болницата.
Апелација смета дека неспорно е дека вината и објективната одговорност ја има болницата во Велес, која како работодавач на докторот има обврска да ѝ ја надомести штетата на пациентката.