Ги спуштија микрофоните и камерите, Бочварски им се извини на новинарите

Министрите Благој Бочварски и Николај Сабев во Скопје/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

За каков било ненамерен пропуст што се случил при денешната посета и средба меѓу нас и бугарските колеги би сакал да се извинам, рече денеска министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски пред почетокот на прес-конференцијата во Клубот на пратениците каде се одвиваше средбата со неговиот бугарски колега Николај Сабев, како и со туроператорите од двете држави.

Бочварски истакна дека ќе има уште многу настани како денешниот кои ќе бидат прилика владите и институциите да ги поправат сторените пропусти.

-Ова е прв лет Скопје – Софија, а ние рековме дека ги отвораме вратите и ве уверуваме дека ќе има уште многу можности и летови, сите вакви пропусти ќе ги поправиме и како влади и како институции, напомена министерот откако претходно новинарот Фуркан Салиу вербално реагираше зашто утрово, при слетувањето на авионот од Софија, иако уредно поканети и акредитирани за следење на настанот, присутните новинари, фоторепортери и сниматели биле неприфатливо третирани и попречени да известуваат од страна на службите за обезбедување.

Салиу му порача на министерот, да не праќаат покани, ако не дозволуваат соодветно покривање на настаните.

-Овој микрофон се плаќа од јавни пари и имам право да ви кажам тоа што го мислам во име на новинарите и снимателите и во име на ЗНМ и Синдикатот на новинари кои веќе реагираа. Бараме да ни овозможите исти услови за работа како на вашите фоторепортери и сниматели. Ако сакате само тие да ве снимаат, а ние не, не праќајте покани ама да знаеме дека во оваа држава не постојат медиуми. Си имате Вие Ваш ПР центар и продолжете, рече новинарот Фуркан Салиу по што ја спушти камерата на неговиот медиум пред министерот, а тоа го сторија и уште еден снимател и фоторепортер.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот