Со летот од Софија долетаа и други проблеми – кој има предност, реагираат ЗНМ и ССНМ

Владините прес-служби не смеат да имаат предност пред медиумските екипи/Фото: Скриншот

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) реагираат дека група новинари, фоторепортери и сниматели, иако уредно поканети и акредитирани  за следење на денешниот настан на Скопскиот аеродром, биле неприфатливо  третирани и попречени да известуваат од страна на службите за обезбедување.

– Додека се одвиваше промоцијата на авионската линија Скопје – Софија, претставници на домашните медиуми беа дистанцирани на стотици метри од настанот без можност да земат изјава, ниту, пак, да документираат кадри од случувањата. Во исто време сниматели кои се вработени во владините институции, како и новинари од Бугарија, имале пристап до самиот авион по слетувањето, како и до претставници од делегацијата, наведуваат ЗНМ и ССНМ во реакцијата.

Тие укажуваат на потребата да се сфати дека  медиумските екипи на настан се на задача со цел да известуваат во име на јавноста и дека организаторите на настанот треба да обезбедат соодветни услови за работа.

-Од друга страна, владините сниматели и службеници за медиуми не смеат да имаат привилигиран статус, бидејќи на тој начин стануваат конкуренција на медиумите, а тоа може да го наруши и правото на информирање на граѓаните, реагираат здружението и синдикатот на новинарите.

Додаваат и дека домашните медиуми за овој настан имале добиено уредна покана од Министерство за транспорт и врски и потсетуваат дека ова не е прв ваков случај на Скопскиот аеродром.

-Пред извесно време на настан поврзан со пристигнувањето на бегалци од Авганистан владини службеници снимаа видеа и ги емитуваа на социјални мрежи додека новинарските беа дистанцирани и попречени да ја работат својата работа, се наведува во реакцијата на ЗНМ и ССНМ.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот