Германска војска/ Фото: EPA/HANNIBAL HANSCHKE

Германија воведува „воена обврска по потреба“

Германија воведува нов модел на воена служба: задолжителна проверка на младите мажи и можност за воена обврска по потреба, ако нема доволно доброволци, договорија Унијата и СПД.

Патот беше долг – но сега конзервативниот блок Унија (ЦДУ/ЦСУ) и Социјалдемократската партија на Германија (СПД) се задоволни со компромисот околу новиот модел на воена служба во Германија. Според договорот, покрај задолжителната проверка – медицински и психолошки преглед за утврдување на способноста за воена служба на младите мажи – предвидена е и можност за воведување „воена обврска по потреба“ (Bedarfswehrpflicht).

По долги преговори, двете партии се договорија за реформата што треба да ја редефинира воената служба во германската армија (Бундесверот). Владината коалиција првично ќе се потпира на доброволност, но ќе воведе задолжителна проверка и целни бројки за зголемување на бројот на војници. Ако бројот на доброволци биде премал, германскиот парламент (Бундестаг) ќе може да одлучи за активирање на „воената обврска по потреба“.

На заедничка прес-конференција, двете партии го поздравија компромисот.

„Ќе имаме повеќе обврзност во доброволноста“, изјави Јенс Шпан, шеф на пратеничката група на конзервативната Унија (која ги обединува Христијанско-демократската унија – ЦДУ и нејзината баварска сестринска партија Христијанско-социјалната унија – ЦСУ).

Законот, рече тој, ќе воспостави „јасна обврзувачка патека за зголемување на бројот на војници“. Според Шпан, сите млади ќе бидат повикани на проверка на способноста, а ако доброволноста не биде доволна, ќе биде потребна и задолжителна служба.

Претседателот на пратеничката група на СПД, Матијас Мирш, истакна дека преговорите биле тешки, но завршиле „со добар исход“. Тој нагласи дека приоритет останува доброволното служење, но ако тоа не ги задоволи потребите на Бундесверот, парламентот ќе треба повторно да ја разгледа ситуацијата. Шефот на групата на ЦСУ, Александар Хофман, оцени дека компромисот претставува „вистинска мешавина од доброволност и обврска“, со јасни цели и рокови. Дополнително, рече тој, Бундесверот повторно ќе биде „повеќе видлив“ во германското општество.

Министерот за одбрана Борис Писториус (СПД) го поздрави компромисот, истакнувајќи: „Многу сум задоволен. Немаше противење“. Според плановите, законот треба да биде усвоен на почетокот на декември и да стапи во сила во 2026 година.

Проверка и можност за воена обврска по потреба

Договорот беше постигнат во средата навечер, на средба меѓу Шпан, Мирш и Писториус. Според него, од следната година сите 18-годишни германски државјани ќе добијат прашалник за мотивација и подобност за служба. За мажите, одговорот ќе биде задолжителен, а следи и задолжителна проверка. Во документот стои дека „со стапувањето во сила на законот започнува задолжителната проверка на мажите родени од 1 јануари 2008 година, која постепено ќе се проширува на целата генерација“.

Воена обврска само по одлука на парламентот

Законот предвидува можност за воведување „воена обврска по потреба“, но без автоматизам:

„Бундестагот ќе одлучува со закон за воведување на оваа мерка, особено ако безбедносната или кадровската состојба на вооружените сили го наложува тоа“.

Ако бројот на обврзници е поголем од потребниот, како последна мерка може да се користи случаен избор. „Автоматско активирање на воената обврска нема да има“, се наведува во документот.

Поттик за доброволна служба

Новиот модел предвидува и подобрување на статусот на војниците што доброволно служат. „Доброволната воена служба како форма на граѓански ангажман останува“, се наведува во документот. По 12 месеци служба, доброволците ќе добијат статус ‘војник на време’ (Soldat auf Zeit – SAZ 1). Владата планира дополнителни поттикнувања – повисока плата и нови обуки.

„Кој служи доброволно, ќе добива околу 2.600 евра бруто месечно. По една година служба, ќе се добие и субвенција за возачка дозвола за автомобил или камион“, пишува во документот.

Во октомври, конзервативната Унија го стопираше процесот на усвојување на законот поради несогласувања околу целните бројки и можниот избор ако нема доволно доброволци – несогласувања кои сега, според партиите, се надминати.

Извор: Дојче веле

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот