Георгиевски: Ова не оди на добро, и вицепремиерот Маричиќ се огласи во кампањата против Пендиков

Љупчо Георгиевски, претседателот на бугарскиот клуб именуван по фашистичкиот соработник Ванчо Михајлов, за бугарски „Фокус“ вели дека во Македонија продолжува кампањата против претепаниот охриѓанец Христијан Пендиков, а дури и вицепремиерот Маричиќ се огласил против него!

– По медиумите се шират лаги, невистини и клевети за Христијан, дека е разбојник, дека е дилер на дрога, што во никој случај не е точно. Имаше и изјава на  вицепремиерот Бојан Маричиќ против него и работите воопшто не одат добро – вели Георгиевски.

Тој разговарал со бугарскиот медиум во пресрет на судењето за нападот врз Пендиков, за што вели:

– Сега ќе го видиме лицето на правдата во Северна Македонија, се надевам дека нема да личи на нашиот случај кога беше основан клубот – рече Георгиевски.

Тој додаде нема развој со „погромот на клубот во Битола“.

– Имаме само известување од член на Комисијата за заштита од дискриминација дека против мене се покренати предмети. Едниот е дека не го отстранивме знакот со името на клубот во Битола – рече тој.

Георгиевски додаде дека ниту еден бугарски клуб во Македонија не го сменил името, како што е наложено од државата, а само еден клуб поднел барање за пререгистрација, но не и за промена на името.

– Согласно македонскиот закон сега се формира некоја комисија која ќе ги испитува имињата на клубовите дали се спорни или не, дали луѓето биле фашисти или не или биле соработници на фашистите или не. Според заклучок на оваа комисија ќе треба да одлучува Министерството за правда – додаде Георгиевски.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ деновиве рече дека Пендиков може да одговара за навредите и обвинувањата упатени кон Македонија и Македонците, а главната улога за тоа ја има Обвинителството.

Маричиќ рече дека Пендиков ќе треба да ги докаже своите тврдења дека Бугарите во Македонија се малтретирани.

– За обвинувањата и навредите кон Македонија, може да се одговара кривично. Би го повикал Обвинителството, исто како што сме го повикале и во најновите случаи сега, секаде каде што има говор на омраза, омаловажување на нашиот народ и на достоинството, да си ја сработи својата работа. Пендиков не треба да биде исклучок – рече Маричиќ во интервју.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот