Георгиески: Пецаков гази врз природата и сите правни норми, сака да ги одземе плажите од граѓаните и да ги врати во рацете на профитери

Градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески/Фото: facebook.com/KonstantinGeorgieski7

Kандидатот за градоначалник на Охрид Константин Георгиески на денешната прес конференција истакна дека неговиот противкандидат Кирил Пецаков конечно се одважил и признал дека „неговиот план е Охрид да го врати назад во минатото и дека ќе биде слуга и маша на личните и бизнис интереси на поединци“.

– Јасно кажа дека планира да ги поништи сите наши досегашни заложби, големата посветеност, исполнувањето на препораките и почитувањето на законите, поради кои Охрид го зачува статусот на УНЕСКО. Пецаков заедно со криминалното ВМРО -ДПМНЕ има намера повторно да го издава под концесија најатрактивниот и најзаштитениот дел од крајбрежјето на нашето Охридско Езеро. Не можам да поверувам дека неговиот план е повторно да ги даде плажите во рацете на бизнис структури и да го врати концептот на стопанисување со крајбрежјето кој нанесе огромни штети на светското природно и културно наследство, со кое располага овој регион. Не ми е јасно како Пецаков како поранешен советник, пратеник и кандидат за градоначалник кој сака да управува со град како што е Охрид, покажува тотално непознавање на законите, го нема прочитано Планот за управување со светско природно и културно наследство и не му се важни препораките од УНЕСКО. Не можам да поверувам дека за ситни политички поени, за наклонетост и политичко агитирање, веќе има склучено непринципиелни договори, за да ги задоволи апетитите на одредена бизнис фела и се расфрла со неостварливи ветувања. Не можам да поверувам дека гази врз природата и сите правни норми, дека повторно сака да ги одземе плажите од граѓаните и да ги врати во рацете на профитери, рече Георгиевски.

Кандидатот на СДСМ Георгиевски се обрати до сограѓаните и побара на изборите во недела да не дозволат Охрид да се врати во рацете на претходниците кои со неплански концесии на крабрежјето и разни нереални планови нанесоа голема штета на туризмот.

– Почитувани охриѓани, маските им паднаа, нивните лаги и манипулации пропаднаа, вистинското лице на ВМРО- ДПМНЕ и нивната понуда за Охрид излезе на виделина! Да не дозволиме несериозни политичари, полни со омраза и очај, повторно да го однесат Охрид во непознат правец. Да не дозволиме Охрид да падне во рацете на луѓе кои имаат капацитет само да глумат во видео спотови кои го сквернават нашиот Охрид. Да не дозволиме Охрид да им припадне на учениците на Груевски, кој имаше планови да го распродава крајбрежјето на белосветски криминалци од Индија, кој планираше да гради парапети околу езерото, да носи морска песок на плажите и кој со неплански концесии на крајбрежјето, нанесе голема штета на охридскиот туризам, рече Георгиевски.

Тој нагласи дека борбата за Охрид е реална, зошто СДСМ се многу поразлични од ВМРО-ДПМНЕ, и носат храбри одлуки и на дело покажуваат како се грижат за Охрид.

-За разлика од нив, за прашањето за зачувување и уредување на крајбрежјето на Охридското Езеро покажавме јасен став и план. Ние не нудиме нереални ветувања, ние развиваме сериозен концепт со кој општината ќе ги уредува и ќе стопанисува со плажите, кои ќе бидат јавни и достапни за сите. Нашата замисла е Охрид конечно да добие уредени градски плажи по сите современи текови и еколошки препораки. Во недела е денот на вашиот вистински избор. Во недела, судбината на Охрид е во вашите раце. Во недела избираме дали Охрид ќе продолжи со започнатиот развој или ќе се врати во неизвесност и деструкција. Ја барам вашата доверба затоа што на дело покажав дека за мене Охрид и неговата иднина е над сите интереси! Охрид е мојот избор и најголемиот прироритет. Во недела да го заокружиме бројот 12 и да го избереме најдоброто за Охрид! , рече Георгиевски.

Видео на денот