Гастрономско уживање од вештите раце на Бобе Јанкоска: Ѓомлезе

Фото: Приватна архива

Јованка Јанкоска Бобе, која стои зад блогот bobesbakery.mk, фејсбук и инстаграм-профилот, е вистински кулинарски креативец – нејзините рецепти се милина и за очите и за непцето.

Бобе денеска споделува рецепт за вистински гурмански деликатес – ѓомлезе.

– Откријте го начинот на подготовка на ова автентично јадење и уживајте во неговиот неодолив вкус. Секој залак ќе ви донесе магичен вкус и топлина на вашата трпеза. Уживајте во вкусното и ароматично ѓомлезе – порачува Бобе.

Фото: Приватна архива

Состојки за тесто:

– 600 грама брашно
– вода по потреба
– 1 лажица сол
– 50 мл масло

Фил:

– главица лук
– 1 лажичка сол
– 100 мл масло
– 150 мл врела вода
– 200 грама ореви

Фото: Приватна архива

Подготовка:

Во длабок сад се прави каша од брашно, сол, масло и вода по потреба. Кашата треба да биде течна и густа. Питулиците од смесата се пржат по една. Во загреано тавче, премачкано со масло, се сипува од смесата колку да се покрие целото тавче, кога ќе се запече од едната страна и ќе се одвои од тавчето се врти да се пече и од другата страната. Потоа се редат во чинија една врз друга. Потребни се 25-30 питулици за да се подготви ѓомлезето.

Прелив: Во аван се толчи лукчето со сол и се прелива со врела вода, се меша, па се додава маслото.

Во длабока намастена тава се реди питулица, се мачка со подготвениот прелив од лук, вода и масло и се посипува со толчени ореви, постапката се повторува сѐ додека не завршат питулиците, редењето завршува со питулица. Се сече на осминки и се прелива со останатиот прелив, одозгора се покрива со алуминиумска фолија и се пече 30 минути, во загреана рерна на 220 степени, потоа се отстранува фолијата и се пече уште 10 минути додека зарумени.

Овој рецепт ќе ви донесе автентичен вкус од традиционалното ѓомлезе на вашата трпеза.

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот