Фото - скриншот од видео на Министерството за внатрешни работи
Фото - скриншот од видео на Министерството за внатрешни работи

Гас до даска без возачка, па пеш дома: Полицијата во станица ги собира возилата на „дивите“ возачи

До судска одлука, возилата на безобѕирните и „диви“ возачи кои седат зад воланот без возачка дозвола и без положен испит – ќе останат паркирани во дворовите на полициските станици ширум Македонија.

Со најновите измени на Кривичниот законик, МВР доби овластување да ги одзема возилата на оние што прават кривични дела во сообраќајот но и на оние што немаат право да возат, односно управуваат моторни возила без возачка дозвола.

Полициските службеници го одземаат возилото по насоки на јавен обвинител, а натамошната постапка е во надлежност на Обвинителството и судот. Возилата се одземаат согласно членовите 297, 297-а и 300-б од Кривичниот законик. Во моментов одземените возила се чуваат во полициска станица, а понатаму на места и локации кои што ќе бидат одредени од Обвинителството, велат од Министерството за внатрешни работи за „Слободен печат“.

Паркирани во станица автомобилите ќе бидат додека судот не одлучи што со нив, дали одземањето ќе биде привремено или трајно. Секој ден билтенот на полицијата се полни со нови и нови случаи на малолетници што возеле без дозвола и затоа дома морале да си одат „пеш“ – органите им ги одзеле автомобилите. Вчера во Дебреште на 16-годишник кој немал положено возачки испит му беше одземено возилото.

Нови полициски возила / Фото: Слободен печат / Драган Митрески
Нови полициски возила / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Не се само малолетниците без дозвола тие чии автомобили завршуваат во дворовите на полициските станици. Во билтенот на МВР регистрирани се случаи каде автомобилите им се одземени на лица со активна забрана за управување со моторно возило и под дејство на алкохол.

Членот 300-б од Кривичниот законик предвидува дека може да се одземе моторно возило со кое е сторено кривично дело од лице, без оглед на тоа дали е во негова сопственост или сопственоста е на трето лице ако тоа го бараат интересите на општата безбедност, здравјето на луѓето или причините на моралот. 

Предметите што се употребени или биле наменети за извршување на кривичното дело може да се одземат ако постои опасност повторно да бидат употребени за извршување на кривично дело. За одземањето на предметите судот ќе донесе одлука во постапка определена со закон. Кога автомобилот се одзема поради управување без возачка дозвола, најчесто тоа е привремена мерка за обезбедување а трајна конфискација може да се изрече исклучиво со судска одлука, кога прекршоците се многу опасни и се повторуваат.

Од Основното јавно обвинителство за „Слободен печат“ велат дека врз основа на одредбите од 300-б од Кривичниот законик предвидено е одземање на моторно возило како предмет со кој е извршено кривичното дело, а условите за одземање се наведени во членот 100-а од Кривичниот законик.

Членот 300-б предвидува задолжително одземање на моторно возило или можност за одземање на возилото во зависност од условите под кои е сторено делото. Привременото одземање на предметите со кои е извршено кривично дело додека трае постапката може да се изврши врз основа на наредба на јавен обвинител, но и од страна на правосудната полиција. По спроведената постапка, Судот во одлуката која ќе ја донесе одлучува и по однос на одземените предмети, велат од Обвинителството. 

 

Автомобилите им се одземаат и на учесниците во јавниот сообраќај што го загрозуваат, на начин што безобѕирно управуваат во состојба кога се неспособни да возат – предизвикана од алкохол во крвта со концентрација од најмалку 1,5 промили, дроги, психотропни супстанци или прекурзори, лица што возат во забранет правец, претекнувајќи колона возила на непрегледно место или возејќи со брзина која надминува 50 километри на час во населено место или 70 километри на час надвор од населено место, над дозволената.

Македонија не е единствената држава во светот каде за безобѕирно возење, возење со загрозување на животот и јавната сигурност како и за повторување на опасното поведение во сообраќајот автомобилите може да се одземат. Таков е примерот и во Австралија, Швајцарија (може да се одземе за сериозни прекршоци), Данска (кај најсериозни прекршоци). Во повеќето случаи, само суд може да одлучи трајно да  го одземе возилото по спроведена правна постапка.

Досега полицијата одземаше возила и според членот 344 од Законот за безбедност на патниот сообраќај. Така минатото лето во Струга одземени беа 5 возила на поголема група млади (собрани на паркинг во Струга беа 500 лица) кои со 120 спортски луксузни автомобили изведувале неконтролирана „изложба“ со што предизвикале огромна бучава.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот