Гаражата „Беко“ е одлична за Дневен центар за деца со попреченост, а не подрум во гимназија, тврдат од „Менуваме“

Фото: Катна гаража „Беко“/Слободен печат

Во катната гаража „Беко“ има лифтови, голем простор што може да се искористи за дневен центар каде што децата лесно би можеле да пристапат – вели Суаред Алишан, претседател на коалицијата „Менуваме“, кој јавно ги покани сите советници заедно да ја посетат катната гаража за да видат дека во неа има одлични услови за отворање ваков центар

Дел од советниците се најдоа во улога на апологети што никогаш не се обиделе барем еден час да влезат во чевлите на другите и да се соочат со проблемите што ги имаат лицата со попреченост. Ова е ставот на Суаред Алишан, претседател на коалицијата „Менуваме“, по расправата на последната седница во Советот на град Скопје околу Предлог-одлука за давање на користење недвижни ствари на ЈП „Градски паркинг“.

Тие го немаат направено тоа, ги имаат само нивните зборови обоени во партиски бои – вели Алишан.

Тој е разочаран од дискусиите на некои од советниците, кои според него, се исмевале со предлогот во катната гаража „Беко“ да се направи дневен центар за децата со попреченост, наместо просториите што за оваа намена се подготвуваат во подрумските простории во гимназијата „Јосип Броз Тито“.

Овие деца наместо да бидат ставени во подруми, треба да имаат вистинска инклузија во соодветен простор во центарот на градот. Таму има лифтови, голем простор што може да се искористи за дневен центар каде што децата лесно би можеле да пристапат – вели Алишан, кој јавно ги покани сите советници заедно да ја посетат катната гаража за да се види дека во неа има одлични услови за отворање ваков центар.

Притоа, Алишан побара јавно извинување од советниците Ирина Витина, Александар Трајановски и Катерина Јовановска за навредите упатени кон советничката Емилија Ангелова од ВМРО-ДПМНЕ, која на говорницата се залагаше дел од просториите во гаражата да бидат наменети за дневен центар.

 Сметам дека немаме голема емпатија кон лицата со посебни потреби. Не е хумано лицата со попреченост да не добијат Дневен центар, да бидат сместени во нехумани услови и нехумани простории. Барем еден дел од овие простории да им бидат дадени на лицата со попреченост, наместо 50 квадратни метри во средно училиште. Не е во ред за луѓето што имаат потреба од овие простории. Ние изгласавме иницијатива, донесовме амандман со кои обезбедивме дел од парите за центарот во износ од 3 милиони денари. Тие бараат само една просторија каде можат да ги остварат своите права. Да ставите некого да работи во подрум со влага и да нема пристап до таму лице со попреченост, не е хумано – рече Ангелова.

Витина и Трајановски сметаа дека катната гаража не е соодветно место за дневен центар. Според Трајановски, просториите во гаражата се од дуќански тип и не се за таква намена, а како што додаде, со 3 милиони денари е нереално да се очекува дека може да се изгради таков центар,  да се отвори и да се одржува. Затоа, според него, во овие простории треба да се сместат вработените на ЈП „Градски паркинг“.

Советничката Катерина Јовановска од Левица посочи дека Ангелова манипулира со лицата со попреченост и сака да ги смести во катна гаража.

Иницијативата што ја поднесе Левица гласи да се изработи план и стратегија за отворање на Дневен центар, не стануваше збор за простор. Се пласираат неточни информации во јавноста дека на Совет е изгласан план за отворање Дневен центар на простор од 300 квадрати. Не е точно. Проектот сѐ уште се изработува. Не манипулирајте со здруженијата. Планот е во изработка – и се обрати Јовановска на Ангелова.

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Алишан: Лицата со попреченост завршија во подрум на скопска гимназија

Со Предлог-одлуката што беше на дневен ред пред советниците, всушност требаше на „Градски паркинг“ да му се дадат на користење 451 метри квадратни деловни простории лоцирани на приземје и на први кат во катната гаража „Беко“, каде што би се сместиле вработените од ова јавно претпријатие, кои сега се во канцеларии во зградата на Лотарија на Македонија, за што се плаќа годишно околу 3 милиони денари закупнина.

Овие простории преку ситни корекции за адаптација ќе ги уредиме на начин што максимално ќе бидат искористени, а трошоците за преадаптација нема да му наштетат на нашиот буџет. Заштедените средства ќе придонесат кон модернизација и отворање нови јавни паркиралишта, подобрување на веќе постојните, обезбедување нов начин на наплата на паркиралиштата и воведување иновации – рече директорот на јавното претпријатие Михаил Петровски.

Предлог-одлуката во која никаде не беше спомената можноста за отворање Дневен центар за децата со попреченост, не беше изгласана од советниците.

Неодамна претседателот на „Менуваме“ за „Слободен печат“ обелодени дека без нивна согласност и без да бидат информирани, Град Скопје почнал со изградба на дневен центар за децата со попреченост во подрумски простории на гимназијата „Јосип Броз Тито“.

Алишан посочи дека нема проект изгласан од Советот на град Скопје, нема план кои луѓе треба да бидат вклучени во дневниот центар и кој ќе работи.

 Советот требаше да донесе одлука за формирање мешовита установа – 51 отсто град Скопје, 49 отсто коалиција „Менуваме“. Требаше да се делат одговорностите. Ако центарот треба да работи две смени, средствата за прва смена требаше да ги обезбеди градот Скопје, за втора смена ние. Од таков фамозен проект што требаше да биде на 600 м2, завршивме во подрум од 50 квадрати- истакна Алишан.

Тој тогаш нагласи дека не се согласуваат Дневниот центар да биде во подрум на училиште и предложи нова локација во ГТЦ или во некоја од катните гаражи, каде што има канцеларии.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот