ГАЛЕРИЈА | Барате место за бегство од градот? Ве носиме на риба и макало од лук во Радожда
К’де с’нцето светло угревјат, к’де небото ѕвезди посевјат
Од памтивек, радождани се рибари, па не треба да прашате што се служи на трпезата. Охридска пастрмка веројатно подготвена на најдобар начин од целото охридско крајбрежје, белвица, крап, клен, ако сте среќници – јагула, и неизбежното макало со многу лук.
Препорачано

На надморска височина од 700 метри, во подножјето на карпест гребен кој се спушта од планината Јабланица, на 11 километри од Струга, и само на два километри од границата со Албанија, се наоѓа селото Радожда, чие име значи раѓање. Куќите изградени во автентичен стил се распослани долж крајбрежјето, пред нив – Охридското Езеро, кое во текот на денот ги менува сите нијанси на синило. Ако брановите доаѓаат од исток, времето ќе биде убаво. Ако доаѓаат пак, од запад, времето ќе се расипе. Така велат рибарите.

Од памтивек, радождани се рибари, па не треба да прашате што се служи на трпезата. Охридска пастрмка веројатно подготвена на најдобар начин од целото охридско крајбрежје, белвица, крап, клен, ако сте среќници – јагула, и неизбежното макало со многу лук. Домаќинките не го откриваат рецептот за нивното автентично макало, тајната состојка која го „врзува“ толчениот лук во смеса, но за разлика од охридското, велат, не ставаат во него компир, ниту леб. Кога сме кај лебот, пробајте од домашниот, тукушто изваден од фурна.

Шармантните гостилници се бројни и, една до друга, распослани пред самото езеро. Каде и да седнете, нема да згрешите. Каква ли риба да нарачате, нема да згрешите. Печена, пржена, „тресена“… Кременадли од крап, крап на кромид или во радожданска тава. Пастрмка или белвица подготевни на традиционален начин. Гарнир од компирчиња, пржени или печени во тава, или печен зеленчук. Сочни салати од домашни намирници, пржени тиквички, домашно сирење… Го спомнавме макалото од лук? Уште еднаш го спомнуваме.

Во ова селце, старо околу еден милениум, „к’де с’нцето светло угревјат, к’де небото ѕвезди посевјат“, штета е да се задржите само на еден ден. Вечерите се свежи, а сместени во една од камените куќи, ќе заспиете потонати во звукот на природата и брановите. Покажете им на дечињата, ако се со вас, дека светилки сè уште постојат и како во старите добри времиња сè уште можат да се залепат на чело. Раскажете им ја нивната приказна, дека овие инсекти ја користат светлината за да привлечат потенцијални партнери, но и за да комуницираат со останатите инсекти, па дури и со луѓето.

Можностите за ноќевања знаат да одговорат на секој паричник. Летово, може да преспиете за 400 денари по лице, за 1.000 или за 1.500 денари по соба, речиси сите со поглед на езерото, со балконче или дворче.

Селцето е снабдено со две продавници, една на влезот, другата на средината. Ако сте за домашна храна, без да седнете во гостилница, тука се радожданските теткички и бабички, кои, по нарачка, ќе ви смесат традиционална пита, ќе ви направат ѓомлезе, раванија, сармички, чорба…

Не го пропуштајте изгрејсонцето, зашто не напразно се вели дека утрото прво ја бакнува Радожда, а потоа ја буди водата и природата. Изнајмете кајче од мештаните и запловете, пробајте да рибарите, одвојте си време да ја посетите малата пештерска црква „Свети Архангел Михаил“ од 13 век, до која ве водат бројни скалила во самата карпа (претходно прашајте за клучот од црквата во ресторанчето на самиот пат, под неа). Прошетајте низ славниот Римски пат, Виа Игнатиа, од кои се сочувани стотина метри калдрма. Влезете во селската главна црква „Свети Никола“ од 18 век, или запалете свеќа во некој од седумте свети храмови, колку што брои селото. Една за вас, една за Радожда.











