ГАЛЕРИЈА | Барате место за бегство од градот? Проверено: Во Мрзенци на јагнешко од фурна што се топи во уста, се лепи за прсти и за душа

Билјана Митрова е наша соговорничка која ни ги открива тајните за успешноста на популарниот ресторан „Јавор Агапи“ лоциран во селото Мрзенци, во непосредна близина на Гевгелија. Ресторанот е предводен од три жени – Билјана, сестра ѝ Марија, и нивната мајка Агапи, место е каде што царуваат жените кои ги поместија границите и бариерите на невозможното во нашето општество.

Фото: Приватна архива

„Јавор Агапи“ е прочуен по јагнешкото во фурна, рецепт кој датира од 1984 година. Но, сигурно ќе уживате и во дегустација на телешки мускул во фурна, свински врат во фурна, плескавица од 100 отсто телешко месо со големина на фамилијарна пица, во сармичките, овчото сирење, скопскиот јабучар…, а од неодамна има и фантастични морски специјалитети.   

Фото: Приватна архива

За оние кои сакаат да избегаат за викенд од градот, особено во потоплите денови пред нас, што ни нуди „Јавор Агапи“ и како се стигнува до таму?

– „Јавор Агапи“ е идеално место за викенд со фамилијата и пријателите и не само во потоплите денови, туку преку цела година. Да не заборавиме дека сонцето овде на југот го имаме во изобилие и максимално треба да го уживаме. Ресторанот изобилува со цветни аранжмани, широка и пространа градина која се наоѓа под дебелата сенка на јаворите. Наликува на раскошна шпанска хациенда со љубезен и духовит персонал. Нудиме вкусна и со многу љубов подготвена храна, одлична услуга, можност да уживате додека околу вас се зборуваат различни јазици од светот, да бидете сведоци на емотивни средби помеѓу пријатели кои се од иста држава, а се случува да се сретнат токму кај нас по многу долг временски период, да бидете присутни за време на посета од некоја странска делегација, познати музички имиња од естрадите од соседните земји. Па така, нашите муштерии честопати на шега ќе кажат дека сме центар на Балканот. Ресторанот се наоѓа во село Мрзенци – Гевгелија и многу лесно се стигнува до нас. Може да се исклучите од главниот автопат Е-75 кај клучката Негорци-Прдејци, ние сме на само 500 метри од познатите Негорски Бањи или доколку влезете во Гевгелија на големиот кружен тек се врти десно и точно каде што се дели патот Негорци – Мрзенци ние сме на влезот од селото.

Фото: Приватна архива

Какво минато има објектот, како настана и зошто токму оваа локација?

– Сè започна на 27 јуни 1984 година, во едно мало село кое името го добило од Мрзен дол каде што било ладно и се мрзнело, оттаму и името Мрзенци. Татко ми, Перо, добро познат на многумина, важи за еден од најстарите угостители со работно искуство преку 45 години, голем гурман, хуман човек, со многу пријатели кои ги стекнал за време на неговата работа, почнал да се занимава со угостителство од свои 16 години. Тешкото детство и потрагата по подобар живот го натерало да отвори ресторан со негов пријател. Името го добива по дрвото што се наоѓало во село Мрзенци, Јавор. Еден ден, влегувајќи во една месарница, татко ми здогледал тукушто донесено свежо јагнешко месо. Го зел. Од кујнски прибор имал црвена метална тепсија, малку излупена, бр. 40. Во неа собирало два јагнешки бута и плешка и пол јагнешко. Како што милува да каже дека тој си прави муабет со месото, така и по некоја своја водена логика, желба и дарба успеал да создаде производ што се прави веќе 37 години. Со текот на годините ортачката работа станувала сè потешка и воден од сопствени убедувања дека треба да направи нешто повеќе за себе и за својата фамилија, со поддршка од мајка ми, се одделува од ортачкиот бизнис и на 30 август 2000 година се случува големото отворање на нашиот ресторан. Од 2000 година па досега сме фамилијарно активно вклучени во сите процеси на создавање и креирање на нашиот семеен бизнис. И така, некако фамилијарно решивме да оддадеме почит на столбот на нашата фамилија и на зборчето јавор му дадовме многу љубов и се роди името „Јавор Агапи“. Така се вика и мајка ми, Агапи, на грчки значи љубов, така се викала и нејзината баба и покрај тоа што освен името немаме ништо друго заедничко со нашиот јужен сосед.

Што го прави „Јавор Агапи“ посебен за да биде магнет за гости?

– Тајната состојка за секој успех е љубов. Можеби сè што правиме не е ништо посебно во однос на други кои го прават истото, работиме, се вложуваме, ама ете се издвојуваме токму поради таа тајна состојка љубов што несомнено прави чуда. Некогаш не е доволно само да се одработи нешто, навистина битна е и енергијата и пристапот кон работите што ги правиме, како ги чувствуваме, како замислата за тоа како треба да изгледаат ја преточуваме во реалност. И со оглед на тоа што и името Агапи само по себе означува љубов, значи ние си функционираме во знакот на љубовта, зрачиме љубов и привлекуваме љубов. Додека студиравме со сестра ми Марија, покрај обврските околу факултет, наоѓавме време да се посветиме и на ресторанот. Оставивме свој белег, внесовме многу душа во ресторанот и така некако се поврзавме со нашите гости, го препознаа нашиот квалитет, труд и гостопримство. Тоа беше долг процес кој сам по себе придонесе да бидеме магнет за гости. Не се откажавме кога ни беше најтешко. Упорноста си го направи своето и заслужено си го добивме епитетот дека „Јавор Агапи“ е задолжително место за посета.

Фото: Приватна архива

Какви гастрономски специјалитети нудите, што задолжително треба да дегустираме кај вас?

– Наш специјалитет по кој сме познати и кој датира од далечната 1984 година и кој задолжително треба да се проба е јагнешко во фурна. Нашето јагнешко не остава никого рамнодушен, се топи во уста, се лепи за прсти и душа. Нема некој што не пробал јагнешко во фурна, а што не се вратил повторно и повторно. Освен јагнешкото, специјалитети ни се и телешки мускул во фурна, како и свински врат во фурна, плескавица од 100 отсто телешко месо која на желба на клиентите ја правиме голема како фамилијарна пица, сармата како зимски специјалитет која буквално се троши како алва, овчото сирење и скопскиот јабучар кои никако не одат едно без друго. Како ни се зголеми фамилијата така се прошири и спектарот на специјалитети. Од неодамна, по сугестија на зет ми Јован, кој е одличен во подготвување морска храна, воведовме и морски специјалитети како туна, сабјарка, октопод, морска риба на жар и тоа со цел да одговориме на новите побарување од страна на нашите верни клиенти.

Зошто се вели дека јагнешкото е најдобро кај вас, во што е тајната?

– Тајната е во тоа што повеќе од 30 години се снабдуваме со јагнешко месо од едно исто место. За едно јагнешко печење да излезе одлично, сè зависи од тоа колку е старо јагнето, колку килограми е, со што се хранело. Не е така едноставен целиот тој процес пред да биде спремен за трпеза. Внимателно се селектира, се одработува и внимаваме секогаш да е свежо и тазе. Благодарение на зголемената потрошувачка на јагнешкото само по себе се наметна еден континуран процес за тоа навистина да биде секогаш свежо испечено. Кај нас во ресторанот се пече секое утро свежо јагнешко и го подготвуваме на истиот начин како што првиот пат го подготвил татко ми Перо во 1984 година.

Фото: Приватна архива

Интересно е што објектот е раководен од жени. Кои се предностите на жените како организаторки, менаџерки, готвачки?

– „Јавор Агапи“ е еден вид женско царство, овде царуваат жените. Предностите на жените и како организаторки, менаџерки, готвачки, се буквално големи. „Јавор Агапи“ го раководат три жени затоа што жените можат сè, а тоа сме јас, сестра ми Марија, мајка ми Агапи и слободно можам да ја додадам и нашата идна наследничка – двомесечната внука Јована за која сум сигурна дека ќе ја продолжи традицијата. Еве, жените некако доминираат во нашата фамилија. И сведоци сме дека и жените во минатото успевале да ја сменат историјата и ние денес сме пример дека и жените можат да се занимаваат со угостителство и да бидат успешни. Низ годините сме биле одбрани да бидеме домаќини на многу претставници од дипломатските кругови.

Фото: Приватна архива

Во 2019 година, на наше огромно задоволство, имавме чест да го угостиме со јагнешко печење претседателот на Големото национално собрание на Република Турција, г-дин Мустафа Шентоп. Ова беше голем настан за нас и за цела општина Гевгелија бидејќи прв пат се случува да бидеме посетени од толку висока странска делегација. На наше задоволство и на нивно големо изненадување дека позади цела таа организација, навремена и брза услуга за 150 луѓе, стојат жени, најпрво збунето нè гледаа со неверување, а потоа се заблагодарија за цел наш труд и не штедеа на пофални зборови за храната и целокупниот третман. Со оглед на тоа што нашиот ресторан е место каде што царуваат жените, верувајте дека ги поместивме границите и бариерите на невозможното во нашето општество.

Дали нудите и домашно произведени производи?

– Кај нас сè е во знакот на домашно. Впрочем, и тоа е една од тајните да се изгради сериозен бренд и да се опстане 37 години. Со оглед на тоа што повеќе од 30 години се снабдуваме со јагнешко од исто место кое функционира само за наши потреби, исто така добар дел од зеленчукот како и скопскиот јабучар се домашно произведени производи од локални производители кои ги одгледуваат исклучиво за нас. Ги поддржуваме домашните производители, имаме одлична соработка, ги мотивираме, ги промовираме и некако се обидуваме да бидеме доследни на коцептот од градина на трпеза што се покажа како одличен. Скарата ја набавуваме од месарници со сопствено производство, овчото сирење од мали фамилјарни бачила кои со години ја негуваат традицијата. Многу често се случува на барање на нашите постојани муштерии да им направиме домашна храна која не е на редовното мени. За нашата тава ориз со петле користиме исклучиво домашно петле и кочански ориз. Сармите како вистински зимски деликатес исто така ги правиме од претходно домашно приготвена кисела зелка. Голем акцент ставаме на домашното. И слободно можам да кажам дека и тоа е една од добитните комбинации.

Кога сме веќе во Мрзенци, какви се можностите за ноќевање во околината и што треба задолжително да се посети?

– Освен вкусниот ручек, Мрзенци нуди одлични можности за ноќевање. Во близина има приватен хотел и приватни апартмани и добар дел од приватните апартмани никнаа токму поради нас. Кога е летна сезона најголем дел од гостите ни се од соседна Србија, кои  после добриот ручек сакаат и да одморат, да преспијат, па така некако се зголеми и побарувачката за ноќевања. Освен што сме добри домаќини исто така сме и добри комшии. Имаме одлична соработка, пиеме и кафе заедно, и го организираме целокупниот престој на нашите гости од моментот кога ќе дојдат на ручек па сè до нивното заминување после преноќувањето. Освен апартмани околу нас има и автосервис во случај да се случи проблем со возилото на некој од гостите, а има и бензинска станица. Во близина се и Негорски Бањи што топло ги препорачуваме доколку некој сака да спортува под дебелите сенки на јасените. Мрзенци со Гевгелија е поврзан со преубаво улично осветлување и широки тротоари, па така има можност и за рекреативно пешачење на чист воздух.

Размислувате ли да се проширите, размислувате ли за новитети, кои се плановите за иднина?

– Во однос на проширувањето, во 2004 година отворивме уште еден ресторан во Скопје, „Меана Б – Јавор Мрзенци Скопје“, кој сè уште функционира и за таму се задолжени татко ми и зет ми. Концептот на работа е ист како и во Мрзенци, значи секогаш домашно и свежо. Засега нема потреба од дополнителни проширувања и покрај тоа што многу често ни стигнуваат понуди да се прошириме и во соседна Србија, можеби во иднина доколу би се споило убавото и корисното не се исклучува и таа можност, времето ќе покаже.  Конкретно за во Мрзенци постојат одредени планови во насока на подобрување на целокупното работење и следење на одредени трендови, но со голем акцент на традиционалната храна и негување на нашата визија од 1984 година.

Фото: Приватна архива

Со оглед на тоа што многу време поминувам во кујна и сум прилично активно вклучена во целокупната работа на нашиот ресторан, во план ми е да се запишам на неколкумесечен курс за професионални готвачи во Италија. Би сакала да направам некој спој на традиционалното и модерното. Инаку, дипломирав на Катедрата за италијански јазик и книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, додека магистрирав на Економски факултет отсек Маркетинг менаџмент на Првиот приватен универзитет ФОН на тема „Брендирање на региони и производи во Република Македонија“. И така некако сум длабоко навлезена во тоа што е тоа што нашата земја најдобро го има и нуди и некако успевам тие производи да ги вметнам во подготовката на нашите специјалитети. Верувам дека би се создале и подобри услови под кои би функционирале и уште подобро. Предизвиците се големи, желбите уште поголеми, и како работодавачи приоритет ни се задоволни работници, па така и клиентите би биле најзадоволни.

Галерија од специјалитетите и амбиентот во „Јавор Агапи“:

Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот