Нова студија: Габата што предизвикува вагинални инфекции доведува и до Алцхајмерова болест

Фото: Flickr

Инфекцијата во мозокот предизвикана од габата кандида албиканс (candida albicans) може да предизвика појава на Алцхајмерова болест, покажа студијата на американските научници објавена во списанието „Сел репорт“ (Cell Report).

Кандида албиканс е вид на габа која природно расте во човечките цревa, устата и вагината. Иако е главно безопасна, сепак може да предизвика инфекција, имено кандидијаза. Најчесто се работи за вагинална габична инфекција и орална кандидијаза или соор. Но, истражувањата во последниве години укажаа на можна поврзаност помеѓу оваа габа и невродегенеративните заболувања како што е Алцхајмеровата болест.

Сега, користејќи модели на глувци, научниците од Медицинскиот колеџ Бејлор во Хјустон открија дека кандида албиканс влегува во мозокот и создава токсични компоненти поврзани со настанувањето на Алцхајмеровата болест, се наведува во „Сел репорт“.

„Нашата лабораторија има долгогодишно искуство во проучувањето на габичките, па затоа тргнавме да ја проучуваме врската помеѓу кандида албиканс и Алцхајмеровата болест кај животински модели. Во 2019 година објавивме дека сепак влегува во мозокот, каде што произведува промени кои се многу слични на оние забележани кај Алцхајмеровата болест. Сегашната студија ја проширува таа работа за разбирање на молекуларните механизми“, рекол за „ЕурекАлер!“ д-р Дејвид Кори, професор на Медицинскиот колеџ Бејлор и водач на студијата.

„Нашето прво прашање беше, како кандида албиканс навлегува во мозокот? Откривме дека кандида албиканс произведува специјални ензими кои ја разградуваат крвно-мозочната бариера, давајќи ѝ на габата пристап до мозокот каде што предизвикува штета“, рекол првиот автор на студијата, д-р Јифан Ву.

Алцхајмерова болест е прогресивно мозочно заболување кое се карактеризира со губење на меморијата, способноста за расудување и промени во личноста. Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО), 47,5 милиони луѓе во светот имаат некаква форма на деменција, а најновите проценки велат дека до 2040 година 80 милиони луѓе во светот ќе заболат од Алцхајмерова болест и други форми на деменција.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот