Г.г. Стефан: Нашиот патрон, светиот Климент Охридски советува да оставиме добар спомен на земјата

Фото Архива на СП

Нашиот патрон, светиот Климент Охридски, преку чие учество во Божјата благодат и преку чие молитвено сеќавање и застапништвото за нас ние постоиме како Црква и како народ, советува да оставиме добар спомен на земјата, за да пристапиме добро кон небесата. Црковно-народното чествување на светиот Климент Охридски, патронот на мајката Македонска pравославна cрква, и годинава, веќе по традиција, со сношната Празнична вечерна и со духовната академија во Богословијата започна, за, еве, денес да продолжи на Богословскиот факултет, со научен симпозиум, чијашто средишна тема овојпат е христијанското учење за сеќавањето, за помнењето, за споменот.

Ова денеска го истакна архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан на отворањето на петтиот Светиклиментов научен собир на тема „Сеќавање (па́мѧть)”, што се одржува онлајн во организација на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски” во Скопје.

– Тој наш црковен и народен великан, вам ‒ на учесниците на собирот, нека ви биде поткрепа при излагањата и при дискусиите. Впрочем, гледајќи ги имињата на учесниците на академскиов собир и читајќи ги насловите на приложените теми, сигурен сум дека симпозиумов ќе биде не само настан за паметење во нашата богословска наука, туку и дека ќе биде ден што ќе послужи имињата на неговите еминентни учесници да бидат уште посилно спомнати од Господа во Неговото Царство. И самото објаснување, коешто ја придружува поканата за собиров, ја истакнува неусогласеноста меѓу христијанското и секуларното разбирање на сеќавањето, неусогласеност што е последица на различното сфаќање на тоа кому му е упатена прозбата, односно, кој е оној што се сеќава на човекот, рече г.г. Стефан.

Инаку, потенцира архиепископот охридски и македонски, правилно сфаќање на христијанското учење за сеќавањето е можно само во христоцентричен и во евхаристоцентричен светоглед. Посочи дека на литургијата се сеќаваме не само на времиња и настани минати, туку и на идните, конечни настани.

– Ова е највидливо на евхаристиската анамнеза, кога, спомнувајќи си за сè што стана заради нас: Крстот, гробот, тридневното Воскресение, вознесението на небесата, седењето оддесно…, ние не се сеќаваме само на минатото, туку си спомнуваме уште и за второто и славно доаѓање. И токму ова литургиско сеќавање на есхатонот е предуслов за нашето земање удел во него, зашто Господ Христос ни вели: Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, има живот вечен и тој што јаде од Мене, ќе живее преку Мене. Во таа смисла е и молењето во евхаристискиот дел од Василиевата литургија: дај ни, дури до последното наше издивнување, достојно да примаме дел од Твоите светињи, за попатнина кон вечниот живот. Ете, затоа човекот е должен да се облече во Господа, за да би можел да учествува во Неговата вечна радост, не заборавајќи дека дарот Божји е живот вечен во Христа Исуса, нашиот Господ, како што апостолот им објаснува на Римјаните, рече г.г. Стефан.

Единствено во Црквата, нагласи архиепископот, човекот се учи на средствата преку кои се постигнува духовно совршенство, зашто Црквата е столб и тврдина на вистината и единствено преку неа, преку Црквата, човекот расте со Христа и во Христа, и се соединува со Бога за сета вечност.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот