Фудбалер поминал низ хорор: Морав повторно да учам да одам
Фудбалерот на холандската Фортуна Ситард, Самуел Бастиен, по подолга пауза конечно проговори за причините поради кои подолго време бил отсутен од терените. Во исповед за белгиските медиуми, тој откри дека поминал низ една од најтешките животни битки, преживеан мозочен удар.
Препорачано
„Сè започна по еден пријателски натпревар. Не се сеќавам против кого игравме, но почна да ме боли глава. Легнав со надеж дека ќе помине, но болката не стивнуваше. Отидов на лекар, добив таблети, но ни тоа не помогна“, раскажа Бастиен.
Само два дена подоцна, по направените испитувања, бил итно повикан во болница.
„Таму ми кажаа дека сум претрпел мозочен удар. Бев на чекор до смрт, за влакно ја избегнав. Ме оперираа, остана лузна долга 15 сантиметри, но не чувствував страв“, вели фудбалерот.
По операцијата следувале уште потешки денови. Поминал три дена во кома, а потоа уште две недели во болница. Периодот на рехабилитација бил тежок, прво бил во инвалидска количка, потоа користел штаки, па морал повторно да учи како да оди.
„Добивав пораки на Инстаграм, многумина прашуваа каде сум. Но, решив да се повлечам. Сакав низ сето тоа да поминам со семејството. Не се откажав во ниту еден моемнт“, додава Бастиен.


